Инфо

Ќе се плаќа данок од 15 отсто и на каматите на заштедите

Ќе се оданочува износот на пресметаната камата на годишно ниво што ќе надмине 15.000 денари во противвредност од валутата на депозитот, а ако вкупната годишна заработка од камати е под 250 евра, данок нема да се плаќа

понеделник, 05 ноември 2018

Даночната реформа стартува со воведување прогресивен данок на доход, но и со оданочување на каматите на заштедите. Ова го предвидува Нацрт-предлогот на новиот закон за данок на личен доход, кој деновиве го најави министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Граѓаните од идната година ќе плаќаат данок на доход со стапка од 15 отсто на дивидендите, на каматите од депозитите, на каматите од заеми на физички и правни лица, на каматите од хартии од вредност и друг доход од хартии од вредност.

Данок по стапка од 15 отсто граѓаните ќе плаќаат за доходот остварен од индустриска сопственост, доходот од кирии, капитални добивки, добивки од игри на среќа, доходот од осигурување и друг доход.

Од 2020 година со 15 отсто ќе се оданчуваат и приходите остварени од камати на депозитите во банките. Данок ќе се плаќа доколку износот на пресметаната камата на годишно ниво надминува 15.000 денари во противвредност од валутата на депозитот, а ако вкупната заработка од камати на годишно ниво е под 250 евра, данок нема да се плаќа.

Прогресивна даночна стапка од 18 отсто, пак, се воведува за доходот од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи доколку обврзниците годишно заработат над 1.080.000 денари. Ако остварениот доход е под оваа сума, тогаш даночната стапка е 10 отсто. Со 18 отсто ќе се даночи само сумата што е над 1.080.000 денари.

На месечно ниво со даночна стапка од 10 отсто ќе се даночи сумата до 90.000 денари, а со стапка од 18 отсто само сумата над 90.000 денари.

Министерот Тевдовски објасни дека прагот од 90.000 денари опфаќа еден процент од најдоходовните граѓани во државата а кои имаат даночна ефективна стапка која е пониска од онаа на останатите граѓани, заради што и се воведува праведното оданочување.

„Предлагаме воведување дополнителна стапка од 18 проценти за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10 отсто како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 18 отсто. На пример, на месечна даночна основа од 100.000 денари, за 90.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 10 проценти, додека за 10.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 18 проценти“, рече Тевдовски и појасни дека за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане иста.

Прогресивен данок на доход ќе плаќаат и хонорарците кои работат професионални и други интелектуални услуги, односно остваруваат доход од здравствена, стоматолошка, ветеринарна, адвокатска, нотарска, консултантска, сметководствена, ревизорска, проценителска, инженерска, архитектонска, новинарска, спортска, културна и друга интелектуална дејност.

Министерот истакна дека со воведувањето на прогресивното фер оданочување, во буџетот ќе се слеат околу 25 милиони евра. Со ове пари ќе се финансираат мерки за намалување на сиромаштијата, односно мерката за минимален гарантиран приход со која ќе се извлекуваат примателите на социјална помош од сиромаштија и ќе се подготвуваат за пазарот на трудот.
 

Содржината е прочитана 100 пати.