Инфо

Автопатот Кичево – Охрид ќе чини уште дополнителни 187 милиони евра

Владата го усвои новиот, трет анекс на договорот со „Синохидро“ со кој заштеди 95 милиони евра. Средствата ќе се обезбедат со кредит од кинеската Ексим банка

петок, 02 ноември 2018

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид ќе чини дополнителни 187 милиони евра. Владата денеска го усвои новиот, трет анекс на договорот со изведувачот, кинески „Синохидро“.

Со анексот, конечно, по повеќе од едногодишни преговори се утврдени дополнителните финансии неопходни за да се интензивираат градежните работи за автопатот во должина од 57 километри.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев појасни дека со анексот, практично, успеале да заштедат 95 милиони евра, бидејќи, како што рече, во спротивно дополнителните работи би чинеле 282 милиони евра. Средствата ќе се обезбедат со кредит од кинеската Ексим банка.

„Година и половина водевме тешки, макотрпни преговори со изведувачот за да овозможиме пониски цени и заштеди. Свесни сме дека дел од граѓаните ќе негодуваат за повторното задолжување на државата за доизградба на автопатот, но, не постои друго рационално решение. Штетите се направени од претходната Влада, а ние моравме да преговараме со врзани раце“, рече минстерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Со новиот анекс, „Синохидро" се согласува да изгради девет клучки кои претходно не беа предвидени, како и алтернативен пат од Пресека до Арбиново, да изведе дополнителни работи во тунелот Пресека, како и сите пропусти за вода на целата траса и ископите за стабилизација на косините и санација на свлечиштата на целата траса. Сугарески истакна дека по стапување на сила на анексот, изведувачот треба во рок од 28 дена да подготви детална програма за работа според реалните услови на терен согласно договорените позиции.

„Синохидро" во наредниот период ќе треба да избере нов подизведувач од домашните компании на местото на „Трансмет“, а на терен се ангажирани и македонските компании „Гранит“ и „Илинден“, како и „Викторија“ од Албанија.

Се очекува автопатот, кој почна да се гради во 2014 година да биде завршен до средината на 2021 година. Првично беше проектирано да чини 411 милиони евра.
 

Содржината е прочитана 24 пати.