Култура

Промоција на Собрани трудови од академик Глигор Јовановски

Промоција на Собрани трудови во три тома од академик Глигор Јовановски се одржа вчера во Македонската академија на науките и уметностите во рамки на одбележувањето на 70-годишнината од неговото раѓање.

четврток, 22 октомври 2015

Промоција на Собрани трудови во три тома од академик Глигор Јовановски се одржа вчера во Македонската академија на науките и уметностите во рамки на одбележувањето на 70-годишнината од неговото раѓање.

Претседателот на МАНУ, Владо Камбовски во обраќањето пред присутните рече дека бележитите творечки резултати во сферата на науката академик Јовановски ги остварува како природен израз на неговите творечки својства.

- Тој живее за да истражува и низ својата неуморна творечка дејност ја исцрпува смислата и целта на својот живот, но без да ја користи како повод за егоцентрични или слични, и за најголеми научници понекогаш својствени застранувања од еден обичен човечки и хуман однос. Ако ги погледнете 199 трудови содржани во тритомните Собрани дела, ќе забележите дека само кај неколку тој се појавува како единствен автор, истакна Камбовски.

Посочи дека и денеска со ист интензитет со иста посветеност на своите истражувачки планови меѓу Академијата и институтската лабораторија, Јовановски создава научни дела што припаѓаат на самите врвови на светската наука од областа на физичката хемија, рендгенската структурна анализа и вибрациската спектроскопија: 200 трудови објавени во бројни меѓународни списанија, 215 реферати на 94 научни конференции, 45 научно-истражувачки проекти.

Пригодна реч за ликот и научниот придонес на академик Глигор Јовановски одржа академик Бојан Шоптрајанов.
Беше промовиран и специјалниот број на списанието Macedonian Journal of chemistry and chemical engineering, посветен на јубилејот на академик Глигор Јовановски.

(Преземено од МИА) 

Содржината е прочитана 461 пати.