Бизнис вести

Сите меѓунардони финансиски институции ја намалија прогнозата за раст на македонската економија

Светска банка објави дека годинава ќе ја завршиме со раст од 2,5 отсто, додека прогнозата на ММФ е само 1,6 проценти. Европската банка за обнова и развој, пак, предвидува 2 отсто раст за годинава

петок, 02 ноември 2018

Ниту Народната банка на Република Македонија, ниту меѓународните финансиски институции го делат оптимизмот на Владата за поголем економски раст. Иако првите луѓе во државата задолжени за финансиите еднаш веќе ги намалија очекувањата за тоа како Македонија ќе ја заврши оваа година на економски план, па првичните прогнози за раст на БДП од 3,2 ги намалија на 2,8 отсто, сепак, и овие проценти се далеку повисоки од тие што ги очекува Централната банка, но и светските и на европските банки и фондови.

Сите финансиски институции ја намалуваат првичната прогноза за раст на македонската економија за оваа година. Откако Светска банка објави дека годинава ќе ја завршиме со раст од 2,5 отсто, а ММФ излезе со уште попесимистичка прогноза за само 1,6 проценти, вчера и НБРМ го ревидираше растот на БДП на 2,3 отсто. Денеска, кон прогнозите се приклучи и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) која прогнозира 2 отсто раст за годинава, а за 2019, пак, раст од три отсто.

ЕБОР забележува дека има умерено раздвижување на економијата во Македонија, но тоа и натаму е помало од вкупиот раст во регионот кој годинава ќе изнесува 3,5 проценти. Од земјите од опкружувањето, највисок раст е прогнозиран во Србија и во Црна Гора 4,2 отсто, по што следуваат Албанија и Косово со по 4, Бугарија со 3,6, БиХ со 3 проценти и Грција со 2,2 отсто.

Поголем економски раст во следните години очекува и Централната банка на Македонија. Така, според НБРМ во 2019 година тој ќе биде 3,5 проценти, во 2020 година 3,8 проценти, а во 2021 година ќе стигне до 4 отсто, што, сепак, значи дека дури за три години Македонија ќе има раст на економијата, каков што имаат Албанија и Косово оваа година.

„Претпазливи сме со динамиката, се уште проектираме пад на инвестициите во третиот квартал, а во четвртиот квартал влегување во блага позитивна зона. Меѓутоа, за годинава во целина, предвидуваме пад на инвестициите, а на годишно ниво остварување позитивни стапки почнувајќи од 2019 година“, рече вчера Анита Ангеловска Бежоска, гувернер на НБРМ, појаснувајќи дека за наредната година се очекува забрзување на капиталните инвестиции

Неизвесната иднина на македонската економија и натаму е поврзана со политичката состојба во земјата, но, тоа би требало да биде надминато со евентуално забрзување на процесот на евроатлантската интеграција.

Што се однесува до растот на јавниот долг, кој достигна до 5 милијарди и 144 милиони евра, Бежоска смета дека не е алармантен и не претставува еден од ризиците за економијата, иако, како што рече, Владата треба да внимава на неговата одржливост.

„Поаѓаме од фискалната стратегија на Министерството за финансии што значи намалување на буџетскиот дефицит што, пак, е предуслов за да може да има намалување на јавниот долг“, рече гувернерот Анита Ангеловска Бежоска

 

 

Содржината е прочитана 18 пати.