Бизнис вести

„Дуинг Бизнис“: Македонија 10. во светот за водење бизнис

Според последниот извештај на Светска банка, нашата економија е рангирана на четврто место според леснотијата за да се води бизнис

четврток, 01 ноември 2018

Македонија е 10 земја во светот, а четврта во Европа за водење бизнис, што е за едно место подобро во споредба со минатата година и на светско и на европско ниво, се вели во последниот извештај на „Дуинг Бизнис“ на Светската банка. 

Во светот, најдобро се води бизнис во Нов Зеланд, Сингапур и во Данска, а во Европа, од Македонија подобри услови за водење бизнис, покрај Данска имаат Норвешка и Обединетото Кралство.

Извештајот на „Дуинг Бизнис“ потенцира дека Македонија е најдобро рангирана земја во Југоисточна Европа (ЈИЕ) и е единствената средно-развиена економија во Топ-20 во светот во рангирањето за оваа година.

Од земјите во регионот далеку после Македонија е Словенија, која е рангирана дури на 40. место, а потоа следуваат Косово на 44, Србија на 48. место, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Албанија и Грција. Последна од овие држави е БиХ, која се најде на 89. место.

„И покрај пролонгираната политичка криза, Република Македонија и понатаму останува една од највисоко рангираните економии во однос на леснотијата на водење бизнис. Ова е добредојдена вест, но важно е да се разгледа целата палета на фактори и политики кои влијаат на квалитетот на деловното опкружување и националната конкурентност на економијата и кои не се зафатени од ’Дуинг Бизнис’, со цел земјата да ги постигне надежите за влијание врз добивките на продуктивноста на фирмите и привлекување на повеќе инвестиции“, рече Марко Мантованели, државен директор во Канцеларијата на Светската банка во Скопје.

Во извештајот на „Дуинг Бизнис“ се опфатени економиите на вкупно 190 земји во светот. Извештајот ги мери регулативите кои влијаат врз бизнисот, како што се започнување бизнис, издавање градежни дозволи, стекнување електрична енергија, регистрирање на имот, добивање кредит, заштита на малцинските инвеститори (акционери), плаќање даноци, прекугранично тргување, спроведување на договори и решавање на несолвентност.
 

Содржината е прочитана 18 пати.