Инфо

Градот Скопје објави јавен повик за субвенции за набавка на печки на пелети

На граѓаните кои ќе купат печки на пелети ќе им биде надоместен дел од трошоците направени при набавка на печката во висина од 70 отсто, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство

четврток, 01 ноември 2018

Градот Скопје денеска објави јавен повик за доделување субвенции за за набавка на печки на пелети за 2018 година, втора фаза. На граѓаните кои ќе купат печки на пелети од денот на објавување на јавниот повик (01.11.2018 година), ќе им биде надоместен дел од трошоците направени при набавка на печката во висина од 70 отсто, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство.

Јавниот повик трае 30 календарски дена од денот на објавувањето, значи заклучно со 30 ноември 2018 година, или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена. Субвенциите ќе се доделуваат по принципот „прв дојден прв услужен“.

Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на Скопје кои ќе купат печка на пелети за затоплување на своето домаќинство (станбен објект) од денот на објавување на јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на печката. На Јавниот повик немаат право да учествуваат домаќинствата кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и оние кои имаат станбен објект во фаза на изградба и не живеат во истиот.

За да поднесе барање за субвенција, барателот треба да исполни повеќе услови:

да е жител на град Скопје,да нема добиено финансиски средства за набавка на печка на пелети од кој било извор во Република Македонија, до поднесување на барањето да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут, новата печка на пелети да ја купи од денот на објавување до денот на завршување на Јавниот повик и истата да биде инсталирана на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот, станбениот објект да не е во фаза на изградба и во него барателот да живее, да нема приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што е инсталирана печката на пелети, без оглед на тоа дали го користи, да има платено данок на имот за станбениот објект каде што е инсталирана печката на пелети заклучно со 2017 година (барањето за оваа потврда може да се земе во архивата на Град Скопје во барака 16).,

Барање може да поднесе само едно лице од домаќинство и притоа мора да ги исполнува сите горенаведени услови, во спротивно Комисијата доставува предлог до градоначалникот на Град Скопје за неусвојување на барањето.

За да се добие субвенција потребна е следната документација:
- барање за надоместок, кое може да се подигне во архивата на Град Скопје или од интернет страницата на Град Скопје
- фотокопија од важечка лична карта, како доказ дека барателот е жител на град Скопје;
- изјава заверена на нотар дека барателот и членовите на неговото домаќинство немаат искористено право на поврат на средства за набавка на печка на пелети на друг Јавен повик од кој било извор во Република Македонија;
- фотографија од печката на дрва, јаглен, нафта или мазут која ја користи;
- доказ дека е извршено купување на печка на пелети во Република Македонија и тоа оригинал фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум во период од денот на објавување на јавниот повик до денот на завршување на јавниот повик;
- фотокопија од трансакциска сметка;
- фотокопија од број на поднесено барање до архивата на Град Скопје за издавање потврда за платен данок на имот за станбениот објект каде што е инсталирана печката на пелети заклучно со 2017 година (барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје барака бр.16 или од интернет страницата на Град Скопје: www.skopje.gov.mk).
- Барателите кои имаат нов станбен објект, а немаат никакво греење и немаат приклучок на градско централно греење не треба да ја достават документацијата од точките 4 и 7.

Барањето и документацијата во прилог треба да се достават во затворен плик до „Комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на град Скопје за набавка на печки на пелети“ во архивата на Град Скопје, на адреса бул.Илинден бр.82, секој работен ден од 08:30 до 16 часот. На пликот треба да е наведено: „Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на град Скопје за набавка на печки на пелети за 2018 година“.

Архивата на Град Скопје примените барања ќе ги евидентира со точното време на поднесување (датум, час и минута), заради воспоставување редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.

Целиот јавен повик со сите барања и услови може да се видат на следната интернет врска – www.skopje.gov.mk/Uploads/Јавни Повици/Јавен повик за пелети_2018_1.11.2018.pdf


 

Содржината е прочитана 53 пати.