Бизнис вести

„Алкалоид“ продолжува да ги подобрува финансиските резултати

Покрај зголемената и продажба и добивка во прите девет месеци од оваа година компанијата за 69 проценти ги зголеми и инвестициите во основни средства

среда, 31 октомври 2018

„Алкалоид АД“ Скопје продолжува со позитивните резултати. Во периодот јануари – септември 2018 година зголемена е и продажбата и добивката, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

Но, она што е особено важно е што компанијата ги зголемува и инвестициите во основни средства, кои во првите девет месеци од оваа година изнесуваат 873.482.122 денари, што претставува зголемување за 69 проценти во однос на истиот период лани.

Во периодот јануари – септември 2018 година во „Алкалоид“ се реализирани и 144 нови вработувања во Република Македонија.

Во првите девет месеци годинава компанијата има консолидирана добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) во вредност од над една милијарда денари, што е за 7 отсто повеќе отколку лани, додека нето консолидираната добивка изнесува 587.392.889 денари и е зголемена за 6 проценти.

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – септември годинава продажбите достигнуваат 5.517.737.841 денари, а тоа е за 7 отсто повеќе отколку во истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), изнесува 1.070.876.587 денари и претставува зголемување од околу 9 проценти, додека единечната нето добивка изнесува 611.467.420 денари и е зголемена за 8 отсто.

Во првите девет месеци од годинава вкупните консолидирани продажби достигнуваат 7.216.850.652 денари, консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 4, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 отсто. Една третина од вкупните консолидирани продажби се остварени на домашен пазар, а 63 проценти на странски пазари.

Продажбата е најмногу зголемена во Унгарија и тоа дури 430 отсто повеќе од лани, потоа во Полска 350 и во Украина со зголемување од 220 проценти споредено со истиот период минатата година. Пораст на извозот „Алкалоид“ има и во Чешка 149 проценти, во САД со раст од 86, во Грузија од 27, Србија со раст од 25 отсто...

Најголемо учество во структурата на вкупните консолидирани продажби, дури 84 проценти имаат производите од сегментот Фармација, по што следува сегментот Хемија, Козметика и Билкарство со 16 отсто.
 

Содржината е прочитана 24 пати.