Бизнис вести

Примената на европските стандарди овозможува влез на пазар од 500 милиони потрошувачи

Сојузот на стопански комори на Македонија и Институтот за стандардизација на Република Македонија потпишаа Меморандум за соработка кој ќе придонесе за поуспешна имплементација на стандардите кај компаниите во нашата земја

среда, 31 октомври 2018

Потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Габриела Кулебанова и директорот на Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ), Џевад Кицара денеска потпишаа Меморандум за соработка кој ќе придонесе за поуспешна имплементација на стандардите кај компаниите во нашата земја.

Притоа беше истакната важноста од примената на европските стандарди со цел македонските компании да бидат конкурентни на големиот европски пазар од над 500 милиони потрошувачи.

„Компаниите, во принцип, купуваат стандарди претежно за квалитет ISOO 9001, 14001, но македонската индустрија веќе ја гледа потребата од употреба на европски стандарди и приспособување кон новите технологии, поточно, замена на старата технологија со нова опрема која ќе биде изработена паралелно со европските стандарди за да може да излезат на европскиот пазар и да бидат конкурентни. Европските стандарди стануваат клучен елемент за промовирање на индустриската конкуренција, како и за овозможување појава на нови пазари и развивање нови технологии. Нивната примена значи елиминирање на трговските бариери и обезбедување поголема ефикасност. Самиот процес на стандардизација е захтевен, чини време, ресурси и средства, но крајната цел е зголемен извоз и конкурентност на компаниите како и испорачување на подобри економски резултати“, рече Кулебанова.

Директорот на ИСРМ, Кицара истакна дека компаниите треба да ја зајакнат својата свест дека воведувањето на стандардите ќе ја подoбри нивната конкурентност дома, a посебно на надворешниот пазар.

„Производите кои се во согласност со маат предност пред оние кои не се произведени согласно стандардите. Стандардот претставува и патна исправа за учество на отворениот пазар на европско, но и на глобално ниво. Еден европски стандард се применува во 33 земји, со што се отвора пазар од повеќе од 500 милиони потрошувачи, а со тоа се елиминираат трговските бариери. Токму стандардите можат да им помогнат на компаниите да бидат во согласност со барањата поставени во регулативите на ЕУ“, изјави Кицара.

 

Содржината е прочитана 40 пати.