Инфо

Заев се сретна со претставници од Светска банка

На средбата се разговарало за долгорочната системска и аналитичка поддршка на Банката во досегашната и идната соработка со Република Македонија

среда, 31 октомври 2018

Премиерот Зоран Заев се сретна со делегација на Светска банка предводена од потпретседателот за Европа и Централна Азија, Сирил Мулер, а во чиј состав беа и регионалната директорка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер и Марко Мантованели, директор на Светска банка за Македонија. На средбата се разговарало за долгорочната системска и аналитичка поддршка на Банката во досегашната и идната соработка со Република Македонија. Притоа дискусијата главно се фокусирала на зацврстувањето на сет инвестициски можности, како клучна развојна етапа што ќе го зајакне домашното инвестирање во економијата.

Изразувајќи задоволство од долгогодишната успешна соработка со оваа финансиска институција, премиерот Заев потенцираше дека Владата има храброст да носи одлуки од кои веќе се чувствуваат позитивните придвижувања во македонската економија. Тој нагласи дека дури и малите резултати во економското придвижување во Македонија се голем знак за напредок. Заев истакна дека мора сериозно да се посветиме на одржливоста на нашите капацитети, но исто така, како што рече, Владата е свесна за потребата од паралелно динамизирање на реформите кои ќе ги елиминираат пречките за понатамошен забрзан развој на земјата.

Првиот човек на делегацијата, Сирил Мулер ја потврди поддршката на Светската банка за стабилната буџетска политика на Владата на Македонија, оценувајќи дека заедничкиот труд веќе доаѓа до ниво каде многу проекти стануваат реалност. Тој изрази очекување дека успешната соработка и во иднина ќе придонесува кон напредокот на нашата држава.

 

Содржината е прочитана 29 пати.