Инфо

Доделени наградите за филантропија „ОКО“ за 2017 година

Целта на овие награди е да се препознаат и јавно да се истакнат компаниите, здруженијата и фондациите, граѓаните и медиумите кои несебично, долгорочно и на стратешки начин го помагаат и поддржуваат развојот на заедницата, но и да го промовира и стимулира развојот на филантропијата во Македонија

вторник, 30 октомври 2018

Здружението ХОРУС ги додели наградите за филантропија „ОКО“ за 2017 година. Целта на овие награди е да се препознаат и јавно да се истакнат компаниите, здруженијата и фондациите, граѓаните и медиумите кои несебично, долгорочно и на стратешки начин го помагаат и поддржуваат развојот на заедницата, но и да го промовира и стимулира развојот на филантропијата во Македонија.

Награди добија:

Здружение Младинска Асоцијација ИМКА (YMCA) Битолa, награда за посебен придонес кон развој на филантропските практики во Република Македонија, ТВ 21 - награда за новинар/медиум за посебен придонес кон развој на филантропските практики, „Алкалоид“ АД Скопје и Црвен Крст на Град Скопје добија специјална награда за воспоставено долгорочно-стратешко партнерство помеѓу деловниот и граѓанскиот сектор. Награда за корпоративна филантропија за мало претпријатие доби „Фрешис“ од Скопје, за средно претпријатие „Рок Кафана Рустикана“ Скопје, а за големо претпријатие Шпаркасе Банка АД Скопје.

Борче Стаменов доби награда за индивидуален филантроп, додека Хуманитарна организација „Свети Спас“ од Скопје е добитник на „ОКО“ специјална награда за поттикнување филантропија во заедницата.

Наградите „ОКО“ им даваат можност на граѓаните, јавните институции, граѓанските организации и на крајните корисници на донациите јавно да ја искажат својата благодарност кон донаторите. Од друга страна, им даваат можност и на самите донатори да добијат поголема поддршка од јавноста за проектите во кои веруваат и со кои придонесуваат кон заживување и развој на вредностите како солидарност, почит, етичност, хуманост и добротворство.

Наградите за филантропија „ОКО“ се реализираат во рамки на проектот „SIGN Up for Impact“ имплементиран од ХОРУС, како организација – членка на SIGN – регионалната мрежа на локални фондации од Западен Балкан, а со финансиска поддршка на Европската унија.

 

Содржината е прочитана 32 пати.