Инфо

Опозицијата го напаѓа ребалансот со 180 амандмани, Тевдовски го брани со аргументи

Додека опозицијата тврди дека предложениот ребаланс на буџетот е нереален, министерот за финансии појаснува дека корекциите во буџетот се минимални, односно, дека приходите и расходите се намалени за 0,5 отсто

вторник, 30 октомври 2018

Со 179 амандмани опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе докажува дека предложениот ребаланс на буџетот е нереален, дека со новата прераспределба на парите Владата признава дека проектот за минимална плата е промашен и дека ги стопирала сите проекти. Министерто за финансии, Драган Тевдовски, пак, со свои аргументи го оправдува предлогот.

Во првиот ден од расправата за ребалансот во матичната собраниска Комисија за финансирање опозицијата жестоко ја нападна Владата дека има катастофална реализација на капиталните инвестиции, дека го зголемува јавниот долг и дека целосно ја промашила економијата годинава. Опозициските пратеници тврдат дека нема да се оствари ниту намалената стапка на раст од 2,8 отсто, која првично беше проектирана на 3,2 отсто, а нема да се реализираат ниту намалените капитални инвестиции од 400 на 300 милиони евра. Притоа, опозицијата побара и конкретни анализи за тоа како и колку пари ќе се слеат во касите на секоја општина одделно.

„Се стопира изградбата на Клинички центар, немате локација, гасификацијата е стопирана, а тоа беше најголемото предизборно ветување. Вие направивте политичка кариера во делот на вашето излагање, на вашиот храбар и силен настап за задолжувањата и дека тоа е лошо за една држава, влада и за економијата. За една година колку што ја задолживте државата, ниту еден министер ја нема задолжено“, рече Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Тевдовски за лошата состојба во одделни сектори, како што е градежништвото, на пример, ја обвини претходната власт. Што се однесува до парите, пак, предвидени да им се дадат на општините за да ги намалат натрупантите долгови, министерот рече:

„Најдовме начин како да го решиме овој проблем кој се таложел со години, но немало решение. И се одлучивме да не биде со задолжување, да не земаме кредит и паралелно да поставиме механизам кој што ќе спречи таква ситуација во иднина“, истакна Тевдовски.

Притоа тој појасни дека корекциите во буџетот се минимални, односно, дека приходите и расходите се намалени за 0,5 отсто и ја опомена опозицијата да не манипулира со лажни бројки, кога е во прашање јавниот долг на државата.

„Ако нешто немате право да зборувате, тоа е околу јавниот долг, нето задолжувањето во 2018 изнесува 22,3 милијарди денари, со ова ќе се покрие буџетскиот дефицит од 18,1 милијарда денари, а на сметка ќе се акумулираат 4,3 милијарди денари како депозит. Државата треба да враќа кредити кои беа земени во преходните години и треба да се вратат“, рече Тевдовски.

Ребалансот предвидува кратење на 92 милиони евра од капиталните инвестиции, од кои 50 милиони евра ќе завршат кај општините за плаќање на старите долгови, 30 милиони евра ќе добијат Фондовите за здравствено и за пензиско осигурување и Агенцијата за вработување, а 3,2 милиони евра се предвидени за политичките партии и новоформираната агенција ОТА. Буџетот сега ќе тежи 3,42 милијарди евра.
 

Содржината е прочитана 28 пати.