Инфо

Град Скопје распиша јавен повик за субвенционирање електрични тротинети

Висината на субвенцијата е 50 проценти од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари со вклучен персонален данок на доход

понеделник, 29 октомври 2018

Градот Скопје го распиша јавниот повик за субвенционирање купување електрични тротинети. На повикот можат да се јават сите граѓани на Скопје кои ќе купат електричен тротинет од денот на објавување на јавниот повик, односно денеска, заклучно со 10 декември годинава. Субвенционирањето ќе биде по принципот „прв дојден прв услужен“.

Градот ќе надомести дел од средствата за набавка во висина од 50 проценти од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. За надоместување на дел од трошоците барателот треба да достави: барање за надоместок, доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, фотокопија од трансакциска сметка на барателот и доказ дека е извршено купување на електричен тротинет и тоа оригинал фискална сметка или фактура со извод од деловна банка односно, доказ за платена фактура во целост (оригинал на увид), со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот повик.

Од Град Скопје потенцираат дека едно лице може да поднесе само едно барање за добивање надоместок за еден електричен тротинет. Барањето, заедно со потребната документација се доставуваат до соодветната комисија преку Архивата на Град Скопје, на булевар „Илинден“ бр.82, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.

Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања, сè до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена во висина од 1.090.000 денари. Во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите Градот ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, сè до нивно целосно искористување, но не подоцна од 10 декември. Доколку бидат исцрпени предвидените финансиски средства, Градот Скопје ќе информира дека jавниот повик е прекинат пред истекот на периодот за кој е објавен.
 

Содржината е прочитана 285 пати.