Бизнис вести

Македонците потрошиле 63 милиони евра за купување он-лајн во првото полугодие од 2018

Во Скопје се одржува Првата конференција за е-трговија во Македонија „е-Трговија: е-Иднината за е- Македонија!“ на која свое излагање и учество имаат над триесетина говорници, модератори и панелисти од осум земји, а се дискутира за тековните состојби, предизвици и за идните трендови на полето на електронската трговија

петок, 26 октомври 2018

„Македонците во првото полугодие од оваа година, според податоците од НБРМ, потрошиле 63 милиони евра за купување он-лајн, што претставува пораст од 20 проценти во однос на првото полугодие од минатата година. Најголем дел од овие трансакции завршиле кај странските е-трговци, или скоро 41 милиони евра, а 22 милиони евра се остварени кон домашните е-трговци“.

Ова го рече Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во своето поздравно обраќање на Првата конференција за е-трговија во Македонија што во организација на Асоцијацијата се одржува во хотелот „Мериот“ во Скопје. На конференцијата насловена „е-Трговија: е-Иднината за е- Македонија!“ на која свое излагање и учество имаат над триесетина говорници, модератори и панелисти од осум земји, се дискутира за тековните состојби, предизвици и за идните трендови на полето на електронската трговија.

На Конференцијата обраќање имаше и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски

„Mораме и можеме да направиме заеднички напори за промовирање на е-трговијата пред крајните корисници, преку подигнување на свеста на граѓаните за придобивките. Граѓаните мора да бидат сигурни дека во процесот на е-трговија нивните податоци се безбедни, трансакциите гарантирани и дека никој нема да ја злоупотреби нивната доверба во системот. Во тој контекст посветено работевме на Стратегијата за сајбер безбедност, а веќе сме во завршна фаза на финализирање на Акцискиот план за сајбер безбедност“, рече Манчевски.

„Е-трговијата е еден од секторите кој што постојано се адаптира на промените на модерното општество, но и креира искуства надвор од зголемените очекувања на потрошувачите. Во ’Mastercard’ сме посветени на подобрување на сигурноста и интегритетот на платежниот екосистем и како потврда за тоа ни служи ’Mastercard Digital Enablement Services’ (MDES), кој на е-потрошувачите им овозможува избор и со леснотија да направат посигурни дигитални плаќања од разни уреди без да размислуваат на сигурноста“, изјави Вања Манова, менаџер за Бугарија и Македонија во „Mastercard“.

На Конференцијата присуствуваат повеќе од 370 учесници од над 120 компании, 7 банки, 6 организации, 8 владини институции и 6 факултети.

 

Содржината е прочитана 35 пати.