Бизнис вести

За една година ќе се знаат вистинските газди на фирмите

Со Регистарот на вистински сопственици кој е во фаза на подготовка веќе нема да може да се кријат имињата на правите сопственици и точно ќе се знае кој е газда на некоја фирма и дали има или нема удел и во некоја друга компанија

четврток, 25 октомври 2018

За една година ќе се знаат вистинските газди на фирмите и веќе нема да може да се кријат имињата на правите сопственици. Точно ќе се знае кој е газда на некоја фирма и дали има или нема удел и во некоја друга. Централниот регистар ќе мора во системот да ги внесе сите податоци за компаниите, а сопственикот ќе има обврска да потпише изјава со која ќе гарантира дека нема удел во друга фирма. Постоечкиот Закон не го обврзува Регистарот да ги наведе имињата на сопствениците на фирмите при нивното регистрирање.

Ова се предвидува со Регистарот на вистински сопственици кој е во фаза на подготовка, а моментално се работи на изготвување на правилниците кои треба да бидат усогласени со европската регулатива. Регистарот на вистински оспственици ќе биде јавен и ќе важи и за фирмите и за физичките лица, а го изготвува Централниот регистар согласно Законот за спречување на перењето пари и финансирање тероризам.

Целта е да се спречат незаконските трансфери на пари од едни во други фирми, но и да се знае реалниот број на физички лица кои стопанисуваат во земјава.

„Секое физичко лице ќе дава изјава во која изјавува дека нема удели или други субјекти на негово име. Но, тоа не значи дека тука завршува неговата постапка само за новите сопственици. Ќе мора и старите да поднесат иста таква изјава во Управата за финансиско разузнавање, каде што ќе изјават дека немаат никакви удели во други субјекти“, рече Марија Бошковска Јанковски, директор на Централен регистар на Република Македонија.

Во иднина под зајакнати контроли за перење пари ќе бидат и сите носители на јавни функции. Со последните измени на Законот за спречување на перењето пари од 2014 година функционерите беа изземени, а со новиот закон кој Владата го донесе во јуни годинава, проширен е опсегот на именувани функционери врз кои ќе се применуваат зајакнати механизми и проверки.

 

Содржината е прочитана 256 пати.