Бизнис вести

НБРМ: „Расте кредитирањето и на фирмите и на домаќинствата“

Кредитната активност на банкарскиот сектор во вториот квартал од оваа година оствари квартален раст од 2,7 проценти

четврток, 25 октомври 2018

Во второто тримесечје од годинава банкарскиот систем ја задржа и ја зацврсти својата стабилност, информираат од Народна банка на Македонија по усвојување на Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија во вториот квартал од 2018 година.

„Истовремено, при разгледувањето на Извештајот беше нагласено дека, забрза растот на активностите на банкарскиот систем, а профитабилноста забележа натамошно подобрување. По остварениот сезонски пад во првото тримесечје од годината, во вториот квартал од 2018 година, во услови на натамошно умерено олеснување на кредитните услови, кредитната активност на банкарскиот сектор оствари квартален раст од 2,7 проценти. Поголем придонес кон растот на активноста на кредитниот пазар имаше секторот домаќинства, но и кредитирањето на корпоративниот сектор беше исто така солидно и имаше значителен придонес кон кварталната промена на кредитната активност“, се вели во соопштението на Народна банка.

Кварталниот пораст на нефункционалните кредити на домаќинствата се забрза до нивото од три проценти, за што најголем придонес дадоа потрошувачките кредити одобрени на подолги рокови. Поради солидниот раст на кредитната активност на банките, учеството на нефункционалните во вкупните кредити во второто тримесечје од годината не се промени во однос на претходниот квартал и изнесува 5,1 проценти.

„И во вториот квартал од 2018 година показателите за ликвидноста на банкарскиот систем се одржаа на стабилно ниво, при што ликвидните средства учествуваат со околу една третина во вкупните средства на банките, покривајќи повеќе од половината од краткорочните обврски и близу 60 отсто од вкупните депозити на домаќинствата. Во првото полугодие од годинава, добивката на банкарскиот систем и натаму се зголемува, а стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви достигнаа солидни нивоа, од 2,4 и 21,3 отсто. Подобрата профитабилност на банкарскиот сектор најмногу произлезе од наплатата на претходно резервирани побарувања и продажби на преземен имот заради ненаплатени побарувања“, се вели во соопштението од НБРМ.
 

Содржината е прочитана 56 пати.