Култура

Изложбата на ликовни дела од Југословенската збирка на Националната галерија претставува проект од европски ранг

Бројната публика имаше можност да ужива во поставката „Дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски и босанско-херцеговски автори“ каде беа изложени 110 слики и скулптури

четврток, 25 октомври 2018

Вкупно 110 ликовни дела (слики и скулптури) од Југословенската збирка од колекцијата на Националната галерија на Македонија (НГМ) беа презентирани во средата во Чифте амам во Скопје. Бројната публика имаше можност да ужива во изложбата „Дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски и босанско-херцеговски автори“ која беше презентирана во формат на проект на европски или светски ранг, а тимот на НГМ се погрижи оваа вечер да биде беспрекорна.

Величината на настанот ја потврди присуството на дипломатите од САД, Хрватска, Словенија, Црна Гора и од Албанија.

„Сите велат, а јас во потполност се согласувам дека уметноста нема граници, таа напросто ги прескокнува, преминува преку нив, уметноста говори со универзален јазик, точно знае како ќе ги допре нашиот ум и нашите срца, а тоа е убавото и возвишеното во уметноста“, рече хрватската амбасадорка, Даниела Баришиќ.

И амбасадорот на Словенија во Македонија, господинот Милан Јазбец беше воодушевен од поставката и сликите ги спореди со музика.

„Јас мислам, додека се обидуваме да уживаме во најестетските слики, тие во некоја смисла се музика, ако можеме боите да ги перципираме како музика, тогаш тие бои се врвни, и обратно, ако врвната музика можеме да ја перципираме како боја, тогаш тоа е тоа“, рече Јазбец.

„Честопати и при значајни изложби, љубопитството на пасионирани љубители и познавачи на уметноста е свртено и кон депоата на галеријата, поставувувајќи си го во себе прашањето: какво богатство се крие во недостапните простории на галеријата, пластено во текот на децении? Овој пат депоата се отвораат за да бидат презентирани 110 ликовни дела (слики и скулптури) од колекцијата на Националната галерија на Македонија. Се работи за драгоцено ликовно богатство кое денес тешко би можело да се собере во изложба и покрај семожни напори. Нашата изложба на љубителите на уметноста во Македонија им нуди низа значајни и репрезентативни дела во општ преглед на стилскиот и хронолошкиот развој на сликарството и скулптурата создавани од словенечки, хрватски,српски, црногорски, босански и херговачки автори.
Ни претставуваше чест и пријатна обврска да презентираме во оваа изложба и дел од оригиналната архивска документација поврзана со формирањето на оваа збирка. Преку презентацијата на оваа документација на најдобар начин се потсетуваме и одаваме признание за огромниот вложен напор, не само на тимот кој ја водел уметничката галерија (Борко Лазески, Никола Мартиновски и други), туку и на државните институции кои несебично и со голема историска одговорност ја поддржале оваа акција и придонеле Националната галерија на Македонија да ја поседува најбогатата збирка од овој тип во Македонија и пошироко. Би сакала во оваа пригода да им одадам признание на сите што работеа од Националната галерија на ,оваа изложба а посебно на кураторите на изложбата кустосите Славица Алексоска и Тања Бундалевска“, рече директорката НГМ, Дита Старова Ќерими.

Академик Газанфер Бајрам го истакна значењето на збирката во едукација на младите ликовни уметници и историчари на уметноста, бидејки, како што рече, преку неа можат да се запознаат со најзначајните правци во една епоха на преминот меѓу двата века.

Изложбата ќе биде отворена секој ден, освен понеделник, до 18 ноември оваа година.
 

Содржината е прочитана 29 пати.