Инфо

ЕУ целосно ги забранува производите од пластика за еднократна употреба

Европскиот парламент изгласа целосна забрана на пластичните производи како што се чинии, чаши, прибор за јадење, сламки, стапчиња за уши, почнувајќи од 2021 година

четврток, 25 октомври 2018

Европската унија ги забрани производите од пластика што се за еднократна употреба со цел да се намали загадувањето на океаните. Европскиот парламент веќе изгласа целосна забрана на пластичните производи како што се чинии, чаши, прибор за јадење, сламки, стапчиња за уши, почнувајќи од 2021 година. На листата со забрани се додадени и производите од оксо-биоразградлива пластика, како што се кесите или амбалажите за храна од полистирен.

„Ако не преземеме акција, до 2050 година во океаните ќе има повеќе пластика од риби“, рече еден парламентарец, изјава што делува навистина застрашувачки. 

Според истражувањата на Европската унија, околу 150.000 тони пластика секоја година завршуваат во европските води.

„Ова е голема победа за океаните, околината и за идните генерации“, рече парламентарецот Фредерик Риес, откако одлуката беше усвоена со 571 гласа.
Паралелно со оваа забрана, ќе се намалува и потрошувачката на производи за кои не постои алтернатива и тоа за најмалку 25 проценти до 2025 година. Такви се кутиите за сендвичи и палетите за овошје, колачи и сладолед за еднократна употреба. Останатите производи од пластика, како што се шишињата за вода ќе се собираат посебно и ќе се рециклираат и тоа по стапка од 90 отсто од 2025 година натаму.

Мерките за намалување на пластичниот отпад ќе се прошират и на производите од тутун, особено на филтерите за цигари, кои содржат пластика, се со цел производителите да ја намалат пластиката во нив за 50 проценти до 2025, односно за 80 отсто до 2030 година, а со тоа да се намали и загадувањето.

Во меѓувреме, членките на ЕУ ќе треба да усвојат национални планови со кои ќе се поттикне користењето производи за повеќекратна употреба, а особено ќе треба да се посвети внимание на такви што може да се рециклираат.
 
Содржината е прочитана 76 пати.