Инфо

Се подготвува пензиска реформа, но нема да се зголемува старосната граница

Реформата опфаќа пакет-мерки за стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но ниту една од нив не се однесува на покачување на старосната граница за пензионирање

четврток, 25 октомври 2018

Министерството за труд и социјална политика подготвува реформи со цел да се стабилизира пензискиот систем, но, и покрај барањето на бизнис заедницата за зголемување на старосната граница за пензионирање, во Министерството засега не се размислува за таква мерка.

„Министерството за труд и социјална политика не размислува да ја зголемува старосната граница за пензионирање и тоа нема да биде дел од пензиската реформа. Анализите за реформата се во тек и она што можеме да го кажеме во овој момент е дека реформата опфаќа пакет-мерки за стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но, ниту една од нив не се однесува на покачување на старосната граница за пензионирање“, велат од Министерството за МИА.

Факт е дека од година во година се зголемуваат средствата од буџетот за Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ). Така, според податоците на ПИОМ, во 2011 година изворни биле 61,5 отсто од приходите, во кои најголем дел отпаѓале на придонесите, а 35,7 отсто биле директна поддршка од буџетот. Тогаш вкупните приходи биле приближно 44 милијарди денари. Во 2017 година, пак, Фондот имал вкупни приходи во висина од 65 милијарди денари, од нив изворни приходи биле 54,52 отсто, а дури 43,57 отсто се надополнува со средства од буџетот.

И со последниот предложен ребаланс на буџетот за годинава е предвидено алоцирање дополнителни средства во Фондот за ПИОМ, со цел да се овозможи непречена исплата на пензиите и на транзициските трошоци за вториот пензиски столб. Исто така, ребалансот превидува да се обезбедат дополнителни средства и во Фондот за здравствено осигурување за непречена исплата на здравствена заштита и на боледувања, како и пари за Агенцијата за вработување за исплата на надоместокот врз основа на невработеност.

Инаку, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2011 година имало околу 642.000 вработени и 281.000 пензионери, додека во 2017 бројот на вработени изнесувал 730.000, а имало 312.398 корисници на пензија.

 

Содржината е прочитана 72 пати.