Инфо

Викендов почнува зимското сметање на времето

Во недела после полноќ стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад и времето во 3 часот ќе се смета како да е 2 часот

среда, 24 октомври 2018

Зимското сметање на времето ќе почне викендов, ноќта сабота спроти недела на 28. октомври кога во 3 часот по полноќ стрелките на часовникот ќе се вратат еден час наназад, па времето во 3 часот, всушност, ќе се смета како да е 2 часот.

„Летното сметање на времето завршува во 3 часот 00 минути и 00 секунди, така што со поместувањето од еден час наназад времето во 3 часот ќе се смета како 2 часот“, информираат од Министерството за економија.

Зимското сметање на времето почнува последниот викенд од октомври и трае до последниот викенд во март, кога започнува летното сметање на времето.

Европската унија донесе одлука и веќе е во постапка да го укине преминувањето од летно во зимско сметање на времето, откако мнозинството граѓани на Унијата се изјаснија дека се против сезонската промена на сметање на времето и бараа да се укине поместувањето на стрелката на часовникот.

Сега, секоја членка на ЕУ треба до април 2019 година да одлучи дали ќе остане во зимско или во летно сметање на времето. Последен пат времето задолжително ќе се смени на летно сметање на 31 март 2019 година. Државите кои сакаат да се вратат на зимското сметање би требало тоа да го направат уште еднаш на крајот на октомври 2019 година.

Македонија го следи процесот на усвојување на предлог директивата во ЕУ. Од Бирото за метрологија при Министерството за економија соопштија дека претстои усогласување на националното законодавство и определување на начинот на транспонирање на ЕУ директивата. Потоа Бирото ќе го достави предлогот до Владата каде ќе треба да биде донесена конечната одлука.
 

Содржината е прочитана 397 пати.