Бизнис вести

Првите овластени економски оператори ја олеснуваат трговијата

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Царинската управа го промовираа концептот на овластен економски оператор (OEO), како меѓународно признаена марка за квалитет

среда, 24 октомври 2018

Со промоција на концептот на овластен економски оператор (ОЕО) економските оператори од Македонија, како производители, извозници и увозници, шпедитери и транспортери во меѓународниот ланец на снабдување се стекнуваат со безбедност, а нивните царински контроли и процедури со ефикасност и усогласеност. Концептот на Овластен економски оператор е еден од инструментите за олеснување на трговијата, па оттаму компаниите кои ќе се стекнат со ОЕО долгорочно ќе имаат поедноставни, побрзи и поевтини постапки за компаниите кои се извозно ориентирани.

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Царинската управа го промовираа концептот на овластен економски оператор (OEO) како меѓународно признаена марка за квалитет.

Првите компании веќе аплицираа и се во процедура на имплементирање на неопходните правила за добивање статус ОЕО, што значи поволност за нив како на македонското, така и во царинското подрачје од земјите на ЦЕФТА регионот, односно овозможува приоритетен третман при извршување на царинските контроли со значително олеснети процедури.

„Придобивките за стекнување статус на ОЕО кај компаниите се бројни, од аспект на олеснување и забрзување на трговијата, промовирање на извозот и економскиот раст. Поточно, компаниите кои ќе се стекнат со статусот ОЕО, значи ги задоволуваат предвидените законски критериумите и се сметаат за безбеден и сигурен партнер во трговскиот синџир на снабдување. Од друга страна, стекнувањето статус ОЕО за домашните компании е исто така предизвик, затоа што станува збор за процес на имплементација на високи стандарди“, изјави Даниела Арсовска, претседател на ССК.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски рече дека дел од придобивките што ги носи статусот ОЕО, а кој се стекнува на доброволна основа, се поголема безбедност и сигурност, како и намалени трошоци. Тој ги охрабри македонските компании да се здобијат со статус ОЕО со цел да ги искористат придобивките и поволностите што ги обезбедува тој.

Концептот на Овластен економски оператор е одамна промовиран од страна на Светската царинска организација и прифатен од многу држави.

 

Содржината е прочитана 92 пати.