Бизнис вести

Нов јавен повик од Фондот за иновации: Еден милион евра за старатап и спиноф-компании

Максималната сума која може да биде доделена е до 85 проценти од вкупната вредност на проектот, односно 30.000 евра, додека останатите 15 проценти ги обезбедува самиот апликант

понеделник, 22 октомври 2018

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) го објави новиот јавен повик за финансиска поддршка за новоосновани стартап и спиноф-компании. Вкупниот буџет за поддршка е еден милион евра, а максималната сума која може да биде доделена е до 85 проценти од вкупната вредност на проектот, односно 30.000 евра, додека останатите 15 проценти ги обезбедува самиот апликант.

Јавниот повик е објавен денес и ќе трае до 11 декември годинава.

Во фокусот на оваа програма, поддржана од Светската банка се младите, а целта е поттикнување на иновативноста преку истражување и развој на нови бизниси.

„Фондот им дава приоритет на младите, бидејќи тие се идните двигатели на економскиот раст. Токму она на што интензивно работиме во моментот е да го поттикнеме потенцијалот на иновативноста во сите индустрии, вклучително и финансиската. Ги повикувам младите да почнат да размислуваат како целосно да се реализираат тука, дома, за да создадеме генерации што нема да бидат јавни службеници или ќе го поттикнуваат економскиот раст на некоја странска земја, туку ќе се реализираат тука“, рече Јован Деспотовски, директор на ФИТР

Сашо Арсов, како домаќин на настанот што се одржа на Економскиот факултет во Скопје се осврна на актуелниот јаз помеѓу реализацијата на добра бизнис-идеја и конкретната финансиска помош за нејзино материјализирање.

„Добро е познато во економијата дека компаниите кои вработуваат луѓе со добри и иновативни идеи и проекти, остваруваат подобра позиција на пазарот и економски просперитет. Младите луѓе со нивните иновативни продукти го зголемуваат и потенцијалот на самите компании. Македонија треба тие млади луѓе и проекти да ги апсорбира во економијата. А јазот што сме свесни дека постои меѓу добрата идеја и нејзината реализација се пополнува со Фондот за иновации и технолошки развој, кој финансира токму вакви проекти“, рече Арсов и ги повика младите луѓе да се охрабрат да работат на своите идеи и да аплицираат на јавните повици на ФИТР.

 

Содржината е прочитана 58 пати.