Инфо

Највисока бруто плата во август исплатена во воздушниот транспорт – 90.299 денари

Според Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна бруто-плата по вработен во август 2018 година изнесува 105,6 во однос на август 2017 година

понеделник, 22 октомври 2018

Просечната месечна бруто-плата исплатена во август 2018 година изнесува 35.573 денари по вработен, објави Државниот завод за статистика. Највисоката плата во август била исплатена во секторот воздухопловен транспорт - 90.299 денари, во сектор компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности е исплатена бруто плата во висина од 86.412 денари и во секторот фармација - 63.707 денари.

Потоа следуваат финансиско-услужните дејности со исплатена бруто плата од 63.347 денари, телекомуникации со 61.626 денари и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација - 57.157 денари.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна бруто-плата по вработен во август 2018 година изнесува 105,6 во однос на август 2017 година. Ваквото зголемување се должи, пред сé, на зголемувањето на просечната месечна бруто-плата исплтена во секторите: Информации и комуникации (14,7 отсто), Преработувачка индустрија (11,4 отсто) и во Земјоделство, шумарство и рибарство (10,9 проценти).

 

 

Содржината е прочитана 79 пати.