Инфо

Саеми на Градежништво и ТЕХНОМА од среда во „Борис Трајковски’

Истовремено се одржуваат двата најголеми бизнис саема, 15. издание на Саем на Градежништво заедно со осмиот по ред RealExpo (саем на недвижности) и 44. издание на ТЕХНОМА, саемот за компании од областа на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита

понеделник, 22 октомври 2018

Во среда во ВИП Арената „Борист Трајковски“ ќе бидат отворени двата најголеми бизнис саема 15. Саем на Градежништво заедно со 8. RealExpo (саем на недвижности) и 44. издание на ТЕХНОМА, саемот за компании од областа на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита. Саемите ќе траат до недела, 28 октомври.

Низата настани, дебати и презентации се на тема екоенергетика, технолошки иновации, иновации во градежништвото, но и за вработување во секотри кои допрва ќе се отвараат на македонскиот пазар на труд. Една од дебатите на тема: „Аналитичари на одржлив развој“ се однесува на создавање работни места за млади и невработени лица со цел стекнување на компетенции, со акцент на намалување на штетното влијание врз животната средина, остварување на заштеди во работните процеси и домаќинствата како и зголемување на општествената одговорност во организација на имплементатор на ЕУ Проект – Еко Логик – Скопје

На Саемот, акцент се става на енергетиката, заштедата на енергија, користењето на материјалите за енергетска ефикасност, заштита на околината, рециклирање.

ТЕХНОМА – Градежништво – RealExpo се од важен интерес за архитектите, проектантите, дизајнтерите, градежниците, како и широката публика.

„Најголем фокус годинава ќе се даде на презентацијата за ’Енергетска ефикасност’ организирана од програмскиот партнер на ТЕХНОМА и Градежништво – Европска банка за обнова и развој, преку ГЕФФ проектот (Green Economy Financing Faculty), каде на тематско – едукативната дискусија ќе се разговара за оперативните чекори за успешно информирање и користење на условите кои ги имаат банките и крајните корисници (граѓаните) за користење на ресурсите за подобрување на енергетската ефикасност во домовите. Спојот на двете саемски манифестации несомнено ќе придонесе да се направи единствен настан од голема важност за изложувачите и за посетителите“, изјави Валентина Димитрова, оперативен директор на проект „Скопски саем“.

RealExpo за сите граѓани на Македонија ќе понуди големи поволности за купување станови, како и поволности за купување имот.

Како и секоја година, во програмскиот дел е вклучена и „Макинова“, која ќе ги презентира последните достигнувања, пронајдоци, иновации, нови технологии, нови производи, индустриски дизајн, трговски марки, младинско – истражувачко и кретаивно творештво. „Еконова“, како изложбен дел на „Макинова“ ќе се претстави на темата на иновации, пронајдоци и идеи, чија цел е подобрување на животната средина.

Работното време на саемите е секој работен ден од 24 до 28 октомври од 10 до 19 часот. Цената на билетите е 80 денари, а за групни посети по 40 денари. On-Line билети може да се набават преку мрежата на: www.mktickets.mk и www.karti.com.mk
 

Содржината е прочитана 31 пати.