Интервјуа

Интердисциплинарниот проект „Со Марко на улица“ му донесе нова културна димензија на Прилеп

Интервју со Горан Ристески, раководител на ЦСЛУ-Прилеп и коорганизатор на новиот прилепски фестивал

понеделник, 22 октомври 2018

МАРИЛИ: Реализиравте многу успешен проект, фестивалот „Со Марко на улица“ му донесе нова културна димензија на Прилеп. Како дојдовте на идејата за еден ваков мултидисциплинарен проект? 
РИСТЕСКИ:
Потребата од измени во организацијата на културни настани одамна беше видлива и голема. Во потрагата по нови начини на презентација на уметноста и нејзините вистински вредности, дојдовме до заклучок дека еден ваков интердисциплинарен проект е токму она што е потребно за измени со позитивен резултат. ЦСЛУ од своите почетоци опфаќа повеќе дисциплини во ликовната уметност, но, ова е прв пат да се превземе чекор за спојување на повеќе уметнички изразувања на едно место и истите да се помешаат со уметничка форма на забава и постојана интерактивност од страна на бројната публика. 

МАРИЛИ: Кој е Марко? Од каде е земен ликот и дали тој културолошки ги поврзува минатото со сегашноста?
РИСТЕСКИ:
Идејата за реализација на настан во ваква форма и самиот лик Марко Цепенков претставен како урбан Марко, како предлог и замисла се на Звонко Димовски. Идејни решенија и проектен координатор на уличен фестивал „Со Мако на улица“, познат како организаторот на Јавен простор во Прилеп, додека, пак, активностите се одредени со комбинирање на предлози и можности. Звонко има брилијантни идеи и успешност да го извади доброто од опкружувањето, затоа самиот Звонко ќе ви опише:
Поврзувачките нишки на фестиваотл “Со Марко на улица” се современите уметнички текови, модерните технологии и клучниот процес за нашата идејна замисла, односно реактуализацијата на лицa и дела, за кои сметаме дека се впишани трајно во широко разбраното мултинационално културно, односно, народно наследство, а потекнуваат, или се поврзани со градот Прилеп и регионот.
Реактуализацијата како процес обезбедува одржливост и континуитет на целокупното културно наследство, доколку се искористат соодветни медиуми и техники за негово модерно и интерактивно прикажување, односно, платформа за негова субверзивна анализа и можност да се претстави повторно како актуелно, атрактивно и секако, разбирливо и достапно за новите генерации, кои ќе имаат реална и опиплива можност одблиску да се запознаат со творештвото на една фасцинантна личност, запамтувајќи ја притоа како својот нов урбан херој. 

Првата тематска инспирација за новиот прилепски фестивал не е случајна, а причини за да се занимаваме со урбаната верзија на Марко има многу: самоук интелектуалец, љубител на модата и пишувањето, необразован, а активен корисник на сите балкански јазици, интердисциплинарна, мултукултурна и мултинационална собирачка дејност, поврзувачка улога во градењето на заеднички национален идентитет, преку бележењето на народното наследство на сите етнички групи, автор на една од најинспиративните приказни за деца (Силјан штркот), визуелен изглед кој идеално може да се впише во денешните естетско–популарни критериуми…

МАРИЛИ: Како беше прифатен ликот на Марко меѓу публиката, особено меѓу помладата популација? 
РИСЕТСКИ:
Марко Цепенков со оригиналната Маркова Визуелизација во која благодарение на Ѓорѓи Десподов имавме можност да уживаме деновиве, беше еден од главните ликови на социјалните мрежи. Во иднина, кога ќе се спомене Марко Цепенков, добар дел од луѓето ќе го носат во глава новиот урбан Марко, во боја, со живот во себе, а не само мермерна статуа поставена во некој парк, еднаш годишно посетена и бесцелно аранжирана со куп залудно потрошено цвеќе. Ема Морисон Митоска се потруди и нејзините креации ќе останат спомен од фестивалот, можете да го носите Марко и на прст и на уши, ако сакате.
Кога станува збор за младата популација, искрено не знам дали некој друг историски лик „неинтересен за нивни години“, некој успеал толку добро да им го приближи и до степен да го прифатат за свој. Ако сакаме да ги зачуваме вредностите, треба и вистински да ги негуваме. Способноста за прилагодување кон новите потреби, а и можности, е една од позитивните страни со кои можеме да се истакниме. 

МАРИЛИ: Колку време е потребно да се подготви еден ваков сериозен културен проект и кои се главните носители на истиот?
РИСТЕСКИ
: Ваков настан нема никаква можност да се реализира доколку немате добар тим позади себе. Мојот тим, после оваа организација само стана многу посилен и поискусен, вака се градиме себе. Голема благодарност до Звонко Димоски, Саша Нацески, Мартин Милкоски, Јана Јанеска Ристески и сите вклучени во организацијата и во самата реализација на фестивалот, која траеше долги четири месеци. После овој момент, знам дека имам тим во кој можам да верувам. 

МАРИЛИ: Освен идејата, дали се потребни и многу средства за да се реализира ваков фестивал?Дали имавте поддршка од одредени институции и од кои? 
РИСТЕСКИ
: Успешна реализација на фестивал од овој тип, со голем обем на активности и времетраење од три дена бара многу средства, посебно доколку целта е истиот да премине во традиција и да се развива преку одржување на стабилна константа и висок квалитет. Имавме среќа што идејата беше разбрана, прифатена и поддржана во најголем дел од Министерство за култура и од Општина Прилеп, ова е прилика да испратам благодарност до нив, бевме почестени со лично присуство на заменик министерот за култура, Владимир Лазовски и со лично присуство на градоначалникот Илија Јованоски на годишната изложба на делата создадени во ЦСЛУ Прилеп 2018 година, (изложбата беше дел од самиот фестивал). Но, имаше поддршка и заинтересираност и голема благодарност и до Мермерен Комбинат Прилеп и до Конфекција „Кули“ како и на МТВ, како генерален медиумски покровител и на Канал 5, Нова ТВ, „Визија, „Инфокомпас“, се разбира и до агенција „Марили“, но најголема благодарност до сите млади волонтери вклучени во процесот на организација до сама успешна реализација на фестивалот, и веднаш да се извинам ако сум пропуштил некого.

МАРИЛИ: Колку беше тешко да се одговори на барањата на уметниците за да се изведат некои специфични дела?
РИСТЕСКИ:
Не е толку тешко да се одговори на барањата на уметниците, јас барем тоа го работам од 2001 година наваму и можам да кажам дека нивните барања понекогаш знаат да донесат брилијантен производ. Потешкиот дел е во достапноста на материјалите потребни за реализација на уметничкото дело. Поради малата побарувачка, ваквите материјали се ретки и скапи, а и многу често ги набавуваме од надвор.

МАРИЛИ: Во кои сегменти беа вклучени најмладите и какви беа нивните реакции?
РИСТЕСКИ:
Имаше работилници кои беа наменети токму за најмладите, се работеше за три работилници и тоа цртање на текстил, графика и аутома работилница. Постигнавме одличен одзив и забава преку креативни активности. Работилниците беа одлично посетени, дополнително, најмладите имаа можност да уживаат во уредениот простор со лотуси, во кој имаа прилика да играат, да одмораат и да слушаат музика, додека нивните родители уживаат во кафето.

МАРИЛИ: Што беше најатрактивно за публиката, што предизвика најголем интерес?
РИСТЕСКИ: Програмата беше многу богата со различни активности, сите интересни сами по себе, музиката на Диџеј Митрик, студијата за street art со Ферди Булут, Александар Џинго и Валентина Конеска, отворените кино сеанси со кратки филмови и документарци, дневните мини концерти, зумбата, кинотенката на „Икона“, слем борбата на Игор Трпчески и Драгица Здравеска, претставата од детскиот театар „Чин 4 Сцена 5“, Милан Секулоски како дедо Марко, Марковите дигитални визуелизации, но најголем интерес имаше за студиото за body painting и во главна улога Сашо Мартиновски, огнената претстава на Agni Fire Dance, како и главните концерти на Room 313, Chromatic Point и КАИН. 

МАРИЛИ: Дали уметничките форми на „Со Марко на улица“ анимирани на јавен простор донесоа нешто авангардно не само во Прилеп, туку и во Македонија?
РИСТЕСКИ:
Да си дел од тимот кој успеа да направи реактуелизација на историски важна личност за нашата држава и притоа истата, преку урбана форма на претставување да ја доближи до младите, како да ви кажам, можам само да бидам горд на успешноста. Требаше само да се направи анкета колку од младите имале прочитано нешто од Марко Цепенков, а кој е резултатот сега. На фестивалот имаше преку 50 учесници кои се изразуваа со свои авторски изведби и се тоа беше многу добро прифатено од публиката, но уште подобра за наблудување беше нивната двомесечна подготовка за самиот фестивал. Сите го читаа Марко, на сите им требаше инспирација да се поврзат со фестивалот. Постигнавме многу, се надевам и доволно авангардно.

МАРИЛИ: Какви се плановите за во иднина? Дали имате намера овој фестивал да прерасне во традиција, можеби дури и да добие интернационален предзнак?
РИСТЕСКИ
: Кај нас работите некако природно и многу брзо добиваат интернацинален предзнак, всушност, во моментов само фестивалот го нема истиот. ЦСЛУ е институција која го носи овој предзнак од почетоците и слободно можеме да бидеме горди на фактот дека во текот на овие 61 година постоење ЦСЛУ на Прилеп му донел голем број посетители од сите страни на светот. Фестивалот ќе го насочуваме и во тој правец, сепак, контактите со светот се многу важни.
 

Содржината е прочитана 975 пати.