Инфо

Анѓушев: „На Македонија и недостигаат млади луѓе со претприемачки дух“

Вицепремиерот Кочо Анѓушев учествуваше на дебатата „Перспективите на младите лица од полноправното членство на земјата во Европската Унија и НАТО“, што ја организираше Институтот за бизнис и менаџмент „Heidelberg – Скопје“

петок, 19 октомври 2018

Младите треба да го препознаат моментот за приклучување кон ЕУ и НАТО, каде ќе им бидат достапни одредени фондови за да можат да купат технологија. Но, технологиите нема да работат само доколку младите немаат претприемачки дух. А, на Македонија и недостасуваат токму млади луѓе со претприемачки дух, истакна вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на дебатата „Перспективите на младите лица од полноправното членство на земјата во Европската Унија и НАТО“, што ја организираше Институтот за бизнис и менаџмент „Heidelberg – Скопје“.

„Тоа значи да се биде подготвен и способен да се преземе дел од ризикот, но тоа да биде разумен ризик што ќе биде заснован на научна основа и да се има организациски способности. Токму тука очекувам Институтот да даде значителен придонес, знаењето да го пренесе во Република Македонија“ рече Анѓушев.

Вицепремиерот истакна дека членството во ЕУ не значи само безбедност, туку и квалитетен живот за граѓаните во Македонија. Тој потенцираше дека во првото полугодие од оваа година имаме три пати повеќе странски инвестиции отколку во истиот период лани и повеќе од која било која од претходните четири-пет години.

Претседателот на деканската управа на Институтот, Улрих Цеител рече дека Македонија со право е пред портите на ЕУ и ја нагласи поддршката што и ја дава канцеларката Ангела Меркел на нашата држава.

„Доколку говорам за овој Институт од економски аспект, тогаш ќе дадеме придонес, мислам дека за македонските претпријатиа е важно да имаат образовани лица кои ќе се дообразуваат кај нас“, рече Цеител потенцирајќи дека доколку во земјата има добро образовани лица, тогаш и економијата ќе расте и ќе се отвораат нови работни места со што ќе има економски просперитет и развој.

 

Содржината е прочитана 43 пати.