Инфо

Концесионерот на „Македонско село“ ќе плати пенали поради еднострано расинување на договорот

Менаџментот на компанијата „Тинекс МТ“ дооел Скопје и „Квинс Хотел“ доо Скопје ќе мора да плати 2.690.409 денари, односно 43.000 евра како резултат на активирање на гаранцијата, како и да ја подмири киријата за следните шест месеци

четврток, 18 октомври 2018

Концесионерот на „Македонско село“ во скопско Нерези останува на одлуката да стави клуч на комплексот и да се откаже од концесијата, за што е подготвен да плати пенали поради еднострано раскинување на договорот за јавно приватно партнерство потпишан со Владата пред две години. Поради тоа фирмите во сопственост на ексградоначалникот Владимир Тодоровиќ, „Тинекс“ и „Квинс хотел“ кои се концесионер на комплексот, ќе мора да платат 43.000 евра на име активирана гаранција и 21.000 евра на име кирија за следните шест месеци, односно, по 3.500 евра месечно.

Директорот на службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски денеска се сретна со претставници на концесионерот со цел да се најде решение на настанатиот пробле. По средбата Мирчевски истакна дека менаџментот на концесионерот се откажува од стопанисувањето со комплексот, но декса ќе ги плати сите пенали кои следуваат согласно договорот.

„Денеска во името на Службата за општи и заеднички работи на Владата, како орган кој го има склучено договорот за јавно партнерство со комплексот ’Македонско село’, имав средба со претставниците на менаџментот на компанијата ’Тинекс МТ’ дооел Скопје и ’Квинс Хотел’ доо Скопје. Тие истакнаа дека стојат на ставот истакнат во соопштението дека еднострано го раскинуваат договорот, поради, како што рекоа, работење исклучиво со загуба. Претставниците на менаџментот ме известија дека се свесни за правните обврски кои произлегуваат од договорот, а тоа подразбира активирање на гаранција во износ од 2.690.409 денари, односно 43.000 евра и подмирување на киријата за следните шест месеци. Сакам да ја информирам јавноста дека комплексот ’Македонско село’ е инвестиција на Република Македонија, одлуката за овој неодржлив проект ја има донесено Владата на Република Македонија потпишана од поранешниот премиер Никола Груевски. Притоа, од парите на граѓаните за оваа непродуктивна инвестиција се издвоени 6,5 милиони евра со цел комплексот да биде ставен во функција. Ако се имаат во предвид сите трошоци околу комплексот, преку едноставна пресметка може да се заклучи дека граѓаните ќе може да си ги повлечат потрошените пари после 150 години“, рече Мирчевски.

Службата за општи и заеднички работи на следната владина седница ќе достави информации околу целокупната постапка, по што Владата ќе донесе одлука што ќе прави понатаму со овој комплекс. Во меѓувреме „Македонско село“ останува затворено.
 

Содржината е прочитана 189 пати.