Инфо

Поголема заштита на интелектуалната сопственост носи повеќе странски инвестиции

Државниот завод за индустриска сопственост прославува 25 години од основањето и по тој повод се одржа конференција на тема: „Трансфер на технологија и права на интелектуална сопственост во Република Македонија“

четврток, 18 октомври 2018

Заштитата на интелектуалната сопственост е основен елемент за успешно функционирање на единствениот европски пазар, а Македонија има регулатива во оваа област која е хармонизирана со меѓународните стандарди за заштита на правата од интелектуална сопственост. Тоа, пак, овозможува ефикасна заштита на интелектуалните права и поголема правна сигурност за странските компании, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши на отворањето на конференцијата: „Трансфер на технологија и права на интелектуална сопственост во Република Македонија“, по повод 25-годишнината од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост.

Истражувањата покажале дека бројот на странски директни инвестиции е во правопропорционален сооднос со степенот на заштита на правата од интелектуална сопственост, при што, како што рече Бектеши, од особена важност е издржаната правна и политичка рамка за промовирање на новите решенија кои претставуваат одговор на пазарните барања.

„Создавањето национален систем на заштита на индустриската сопственост и создавањето култура за значењето на оваа област има значајно влијание врз националниот економски раст, кој се базира на знаење и иновативност“, рече заменик претседателот на Европскиот патентен завод, Жељко Топиќ и се осврна на плодната соработка што европската организација ја има со Македонскиот завод дури и пред добивањето полноправно членство.

Директорот на ДЗИС, Сафет Емрули истакна дека Заводот денес претставува модерна институција која веќе 10 години е рамноправна членка на Европската патентна организација.

„Од самото основање до денес нашата цел е зголемување на квалитетот на услугите со меѓународни стандарди од аспект на заштита на правата од индустриска сопственост во Република Македонија. Донесовме две национални стратегии и реализиравме низа проекти со цел усогласување на националното законодавство со европското, а континуирано работиме на подигање на свеста за значењето и придобивките од спроведување на индустриската сопственост“, рече Емрули

До сега во Заводот се пријавени 32.000 трговски марки, 10.000 патенти, има над 1.000 пријави за индустриски дизајн, регистрирани се повеќе од 26.000 трговски марки, 8.800 патенти и десетици географски називи, од кои пет имаат и меѓународна заштита.

На свеченоста беше промовирана „Монографија за 25-годишнината на ДЗИС“

 

Содржината е прочитана 45 пати.