Култура

Почнува 37. Скопски џез фестивал

Фестивалот ќе трае до недела, а во текот на четирите фестивалски денови ќе можат да се проследат вкупно 12 концерти

четврток, 18 октомври 2018

Со настапот на британскиот џез-пијанист Александер Хокинс во Македонската Опера и Балет вечерва во 20 часот почнува 37. Скопски џез фестивал.

Фестивалот ќе трае до недела, а во текот на четирите фестивалски денови ќе можат да се проследат вкупно 12 концерти. На програмата ќе бидат четири концерти во терминот од 20 часот во МОБ и три полноќни во Дансинг салата на Младинскиот културен центар.

По Хокинс, на сцената во МОБ од 22 часот ќе може да се слушне необична мешавина од џез и хип хоп. Ќе настапи славниот американски саксофонист Дејвид Мареј со неговиот квартет, кој заедно со култниот рапер и поет Сол Вилијамс ќе го претстави проектот „Blues for Memo“.

На полноќ, пак, во МКЦ во тандем ќе настапат бразилскиот гитарист и пејач Арто Линдзи и норвешкиот тапанар Пал Нилсон-Лав.

Скопски џез-фестивал најави ексклузивна, уникатна и храбра програмска ориентација за претстојното издание. На листата учесници се некогашниот фронтмен на „Соник јут“, Трстон Мур, данската саксофонистка Мете Расмусен, уникатниот женски вокален октет „Трондхејм воисис“.

Годинава ќе доминира современиот џез, а музичарите кои ќе учествуваат ќе дојдат специјално за фестивалот, освен Дејвид Мареј, што значи дека нивните настапи во Скопје не се дел од турнеи. Тоа се главните одлики по кои годинашниот, 37. фестивал се разликува од минатите изданија.
 

Содржината е прочитана 56 пати.