Инфо

На „Македонско село“ се става клуч поради неисплатливост

Од фирмата „Тинекс“ која заедно со хотел „Квинс“е концесионер на комплексот информираат дека е донесена одлука за затворање поради тоа што комплексот работи со загуба

среда, 17 октомври 2018

На комплексот „Македонско село“ утре ќе биде ставен клуч поради неисплатливост. Откако менаџментот на концесионерот на комплексот, фирмата „Тинекс“ и хотел „Квинс“ на ексградоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ објави на официјалната страница на комплексот дека е донесена одлука за престанок со работа, без притоа да се даде било какво објаснување, подоцна од „Тинекс“ преку соопштение информираа дека решиле да го затворат комплексот оти работат со загуба и дека таква опција имале во договорот.

„Согласно договорот со Службата за општи и заеднички работи, имаме можност да го раскинеме договорот по наше барање, како приватен партнер. И покрај нашите напори, инвестиции и надеж за беспрекорно функционирање на комплексот, по извршените анализи во текот на овие две години од кога стопанисуваме и управуваме со наведениот комплекс, со жалење мора да констатираме дека работи исклучиво со загуба. Од таа причина донесовме одлука да го раскинеме договорот за јавно приватно партнерство“, се вели во соопштението.

Сепак, од владината Служба за општи и заеднички работи се затечени од ваквиот чекор на концесионерот. Оттаму велат дека во договорот има член во кој јасно е наведено дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку 6 месеци однапред. А, до нив не стигнало никакво известување, туку за одлуката за раскинување на концесискиот договор разбрале од медиумите.

Од Службата за општи и заеднички работи на Владата за утре закажале состанок со концесионерот, по што ќе бидат соопштени следните чекори.

 

Содржината е прочитана 112 пати.