Инфо

Веродостојни статистики се неопходен услов за креирање одржливи политики

Денес статистичките податоци претставуваат патоказ и средства за креирање на тоа подобро утре за кои сме одговорни сите во својот делокруг на работењето, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски

среда, 17 октомври 2018

Државниот завод за статистика денес претставува синоним за независна институција која постојано ги унапредува и модернизира своите истражувачки процеси и методологии согласно европските пракси и стандарди, изјави премиерот Зоран Заев на одбележувањето на Европскиот ден на статистика, откако ја потпиша Декларацијата за посветеност на довербата во официјалната статистика.

Тој потенцира дека веродостојните статистики се неопходен услов за креирање одржливи политики и научни истражувања базирани врз докази и добра функционирална демократија.

„Во таа смисла, кредибилитетот на националниот статистички систем е еден од неопходните услови за доверба во мерките на политиките што ги усвојува и спроведува Владата на РМ, но и за научните анализи, истражувањата и трудовите што произлегуваат од Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј’ и другите научно образовни установи“, рече Заев.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски порача дека статистичките податоци не се само обични бројки, тие се патоказ за креирање подобро утре.

„Денес статистичките податоци претставуваат патоказ и средства за креирање на тоа подобро утре за кои сме одговорни сите во својот делокруг на работењето“, рече Симовски.

Директорката на Европското статистичко биро, Маријана Коцева посочи дека лично верува во моќта на објективна статистика што може да го направи светот подобро место.

„Статистиката ни овозможува да донесуваме и да формираме одлуки што ја обликуваат нашата иднина, нашите животи без оглед каде живееме, дали е тоа Скопје, Луксембург“, рече Коцева.

Со Декларацијата Македонија се приклучи на земјите кои веќе ја имаат потпишано како што се Шведска, Словенија, Ирска, Белгија, Грција, Романија, Црна Гора и Албанија.

Преземено од МИА
 

Содржината е прочитана 34 пати.