Инфо

Поништен и вториот повик за субвенционирање авиокомпании

Министерството за транспорт и врски го поништи тендерот, бидејќи единствената понуда од „Визер“ не ги исполнувала наведените критериуми. Многу брзо ќе биде распишан нов јавен повик со исти услови

среда, 17 октомври 2018

Министерството за транспорт и врски повторно го поништи јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании, што беше објавен на 13 септември годинава. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска на прес-конференција информираше дека била доставена само една понуда, од „Визер“, но дека и таа ги исполнила условите и критериумите во тендерот.

„Во повикот јасно стои дека авиокомпанијата има обврска до 10 јануари 2019 година да воведе две линии од аеродромот во Охрид и уште две во рок од една година од потпишувањето на договорот. Авиокомпанијата ’Визер’ понудила сите четири дестинации да ги воведе во август 2019 година. Поради ова, комисијата констатираше дека условите од јавниот повик не се исполнети и даде препорака овој јавен повик да се поништи. Оваа фактичка состојба не ми остава никаква друга можност освен, доследно почитувајќи ја уредбата и јавниот повик, повторно да ја поништам и оваа постапка“, рече Сугарески и додаде дека многу брзо ќе биде распишан нов, трет јавен повик, бидејќи средствата за субвенционирање се веќе предвидени во буџетите.

Притоа министерот ги отфрли шпекулациите дека тендерот е тенденциозно поништен и дека се прави простор да му се додели на „Ер Албанија“

Ова е втор објавен јавен повик за субвенционирање авиокомпании. И двата беа поништени, а и на двата единствената понуда што беше доставена беше од „Визер“

 

Содржината е прочитана 59 пати.