Инфо

Се затвора комплексот „Македонско село“ во Нерези

Менаџментот на комплексот одлуката ја соопшти преку „Фејсбук“ без да ги образложи причините

среда, 17 октомври 2018

Од утре се затвора комплексот „Македонско село“ во Нерези. Концесионер на комплексот вреден 6,5 милиони евра е поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, преку неговите фирми „Тинекс“ и „Квинс“.

Одлуката за затворање на комплексот ја донел менаџментот и истата ја соопшти преку социјалните мрежи, без да даде било какво образложение за причините за ваквиот потег.

„Ве информираме дека менаџментот на комплексот ‘Македонско Село’ донесе одлука за затворање на комплексот и истиот престанува да работи од 18.10.2018 (четврток). Ви благодариме за сите заеднички моменти, убави спомени и посети во изминатите години“, пишува во постот на „Фејсбук“, објавен утринава.

Инаку, неодамна Министерството за економија го прогласи „Македонско село“ за најуспешен ресторан.

Владимир Тодоровиќ стопанисува со „Македонско село“ од 2016 година, кога Владата по распишаниот оглас за концесија, ги избра фирмите „Квинс“ и „Тинекс“ бидејќи дале највисока сума за кирија. Концесијата беше дадена на 20 години. Претходно, Владата склучи договор за концесија со „Тренд“ за 2 000 евра месечно, но тој договор беше поништен на барање на „Тренд“.

Тодоровиќ за етно-селото плаќа концесија од 3 500 евра со ДДВ. Со концесијата тој располага со комплекс од 12 000 квадратни метри. Куќите изградени во автентичен стил од сите краеви на Македонија, со традиционална македонска архитектура нудеа можност за сместување на 100-ина гости на кои им беа на располагање и ресторан, музеј, амфитеатар и други содржини.

Изградбата на „Македонско село“ ја чинеше Владата 5,2 милиони евра, а за внатрешно уредување беа потрошени дополнителни 1,3 милиони евра. Се веруваше дека со изградбата ќе се зголеми туристичката понуда, бидејќи тука посетителите ќе имаат можност на едно место да ја запознаат цела Македонија, нејзината историја, традиција, култура, архитектура, а истовремено и да уживаат во разновидната храна и во македонските вина. За таа цел ЈСП воведе и посебна автобуска линија до комплексот.
 

Содржината е прочитана 157 пати.