Инфо

Ќе се санира оштетениот железнички мост на Црна река

Владата ги задолжи Министерствата за финансии и за транспорт и врски да предложат можни решенија за изнаоѓање финансиски средства за санацијата, а ЈП Македонски железници - Инфраструктура да започне итна постапката за реализација на набавката

среда, 17 октомври 2018

Владата синоќа ја усвои информацијата за потребата од итна санација на армирано-бетонскиот мост на пругата Велес - Гевгелија, во близина на Стоби. Министерствата за финансии и за транспорт и врски се задолжени да предложат можни решенија за изнаоѓање финансиски средства потребни за санацијата, додека ЈП Македонски железници - Инфраструктура е задолжено да започне итна постапката за реализација на набавката - санација на армирано - бетонскиот мост на пругата Велес - Гевгелија.

Македонски железници Транспорт АД ги информираше патниците дека поради појавени деформации на бетонскиот мост кој се наоѓа помеѓу станица Градско и крстосница Кукуричани, од 2 октомври сообраќајот на патниот правец Велес – Гевгелија е во прекин. Прекинот ќе трае до завршување на санацијата на дефектот. Во меѓувреме, возовите кои сообраќаа на релација Скопје-Гевгелија и Гевгелија-Скопје, ќе сообраќаат само до Велес и обратно.

Железничкиот мост се наоѓа меѓу Градско и Кукуречани на Црна река. Кон крајот на минатиот месец поради надојдената вода на реката, која во нормални услови е длабока 1,60 до 1,80 метри, а потоа достигна пет метри, дојде до оштетување на столбот на мостот, по што целосно беше забранет железничкиот сообраќај на Коридорот 10, на потегот од Велес кон Гевгелија.
 

Содржината е прочитана 39 пати.