Бизнис вести

Потпишана Декларација за подобар статус на руралните жени

Декларацијата, што ја потпишаа министрите Николовски и Царовска и претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска има за цел е да се подобри економската и социјалната положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

вторник, 16 октомври 2018

Декларација за подобрување на статусот на руралните жени вчера потпишаа министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за труд и социјална политика, Љупчо Николовски и Мила Царовска со Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери.

Целта на потпишувањето на Декларацијата е да се подобри економската и социјалната положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, потоа креирање и промовирање на мерки за зголемување на можностите за вработување но овие жени, креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството и друго.

По повод 15 октомври, Меѓународниот ден жената од руралната средина вчера беше одржана конференција насловена како „Улогата на жените во руралните средини и нивните предизвици“, на која присуствуваа и постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, претставници од Амбасадата на Кралството Шпанија, повеќе странски експерти за родови прашања, како и претставници на неколку здруженија на жени и на Националната федерација на фармери.

„Наша задача и обврска е да создадеме услови за зголемено учество на жените во агросекторот и да им помогнеме на жените земјоделки да го реализираат својот потенцијал и да придонесат кон вкупниот развој на земјоделството. Така, при конкурирањето за одредени мерки од европската ИПАРД Програма и од националната Програма за рурален развој, жените фармери имаат предност, односно, добиваат повеќе поени при рангирањето. Со зголемување на бројот на жени кои ги користат европските фондови, директно го помагаме нивното учество во македонскиот агросектор и правиме значаен чекор напред во постигнување на родова еднаквост во земјоделството“, рече министерот Николовски по потпишувањето на Декларацијата.

Министерката Мила Царовска, пак, појасни дека Министерството за труд во соработка со Министерството за правда и со Светска банка работи на законски измени со кои ќе се гарантира впишување во Централен регистар и на мажот и на жената за имотот стекнат во брак. Ваквите законски измени ќе се овозможат полесен пристап на жената до кредитите кои и се потребни за отпочнување сопствен бизниз.

„Во Mакедонија половина од жените се неактивни на пазарот на труд, а најголемиот дел од нив се од руралните средини. Но, тоа е така само по статистика. Ние не можеме да го видиме ефектот на жените врз економијата, бидејќи работата што тие ја работат ниту им е плтена, ниту некаде е евидентирана“, изјави Царовска.

 

Содржината е прочитана 116 пати.