Интервјуа

Да сте дел од 100 млади Мандела на иднината, не е само чест, туку и голема одговорност

Интервју со Кетрин Константинидес, претприемач, активист и поранешна мис на Јужна Африка. Таа ќе се обрати на Добротворната гала-вечер во организација на Македонија2025, која ќе се одржи на 8 ноември во хотелот „Александар палас“ во Скопје

понеделник, 15 октомври 2018

Кетрин Константинидес е познат претприемач, активист и поранешна мис на Јужна Африка. 

Таа е активно вклучена во Советот за човекови права на Обединетите нации, застапувајќи ги најмаргинализираните и ранливи групи во светот.
Во 2016 година ја добива наградата Убунту (Ubuntu award), за нејзината истакната улога во градење на позитивна слика за ЈужнаАфрика на светско ниво. Во 2018 година Кетрин беше рангирана меѓу 100-те највлијателни млади во Африка, а истата година, кога светот се простуваше од Нелсон Мандела, Константинидес стана и една од 100-те млади Мандела на иднината (100 Young Mandela’s of the Future).

И додека таа гостува на бројни конференции ширум светот, чест ни е што наскоро доаѓа во Скопје, каде во склоп на Самитот Македонија2025, односно, на Добротворната гала-вечер на 8 ноември, Кетрин Константинидес ќе се обрати на специјалната панел-сесија наречена „Филантропија, активизам и улогата на жените во општеството“. Токму во тој контекст, го водиме и ова интервју.

 

МАРИЛИ: Вие активно ги застапувате најмаргинализираните групи во светот. Според Вашето искуство, дали Африка и натаму е континентот со најизразени проблеми со ранливите категории?
КОНСТАНТИНИДЕС:
За жал, во светот сè уште постојат многу маргинализирани групи кои се борат за своите основни човекови права и за правото на самоопределување. Фактот што во 2018 година постојат луѓе кои се борат за основни права и опстанок, е загрижувачки и зборува за недостатокот на морално и етичко водство во светот. Африка не е единствениот континент кој се соочува со предизвикот на обесправените маргинализирани групи. Станува збор за предизвик без преседан на светско ниво, земајќи го предвид зголеменото движење на луѓето и влијанието на глобализацијата, а со тоа и трката за ресурси и простор. 

МАРИЛИ: Веројатно никогаш нема да биде доволно тоа што се прави за да се заштитат овие луѓе. Но, како светот денес се справува со овој глобален проблем, што се презема? Постои ли доволно политичка волја кај моќните за да се реши ова прашање, кое и премногу долго се наоѓа на агендата на Советот за безбедност на ОН? 
КОНСТАНТИНИДЕС
: Реален е недостатокот на политичка волја за справување со одредени предизвици. 
Моќните нации имаат клучна позиција и можност да стават вето,така што, заседаваме со мала група од многу влијателни сојузници кои ја имаат целата моќ и бидејќи тие имаат корист од статус-кво положбата, ние сè уште го гледаме светот како место каде малите нации и маргинализираните луѓе страдаат од оние што ги држат сите карти во свои раце.

МАРИЛИ: Се менува ли нешто во пристапот кон ваквите проблеми и колкаво е влијанието на жените во тој поглед?
КОНСТАНТИНИДЕС:
Верувам дека гласот на граѓанското општество навистина се зајакна во изминатите години, со тоа што сведочиме за обични луѓе кои се избориле за своите права и извршиле влијание во светот. Користењето на социјалните медиуми, исто така, има улога во мобилизирањето на граѓаните, во полесно искажување на нивното мислење и барање одговорност од лидерите, што не било случај претходно. Исто така, во изминатите десет години гледаме сè повеќе жени кои имаат моќ, лидерство и влијание, повеќе од кога било во историјата. Со видни жени, поактивно и погласно граѓанство, наративот и пристапот секако се менува. Сепак, не треба никогаш да престанаме да се бориме, да се справуваме со проблемите и да бидеме свесни дека решенијата не постојат само на хартија и во теорија, туку позитивно влијаат на самите луѓе на терен, кои се погодени од изборите и одлуките на неколкумина.

МАРИЛИ: Што Ве мотивираше да се зафатите со оваа проблематика, дали Вашето потекло од ЈужнаАфрика влијаеше на тоа? Со што се „борите“ за да им го олесните и подобрите животот на овие луѓе?
КОНСТАНТИНИДЕС Како млада Јужноафриканка почивам врз идеалите на големите великани кои ја ослободија нашата земја и жители. Верувам дека моја одговорност е да ја искористам првилегијата на слободата, за да ги отклучам привилегиите на оние луѓе во светот кои сè уште се борат за своите основни човекови права. Чувствувам огромна должност за хуманитарност и социјална правда кон мојата земја и сограѓани. Со сето она што ми го пружија платформите, морам да одам напред и да се осигурам дека со секоја можност ги подобрувам нештата, го споделувам својот пат и ги збогатувам животите на оние за кои се ангажирам. Моето патување штотуку започна.

МАРИЛИ: Пред две години ја добивте наградата УБУНТУ. За какво признание станува збор и што значи тоа за Вас?
КОНСТАНТИНИДЕС
: Во 2016 година бев почестена од Јужноафриканската Влада со добивање на престижната награда УБУНТУ. Овој збор има многу длабоко значење – „Јас сум тој којшто сум поради другите“, што, пак, е суштинска вредност за Јужноафриканците како луѓе. Оваа награда спаѓаше во категоријата дипломатска работа и влијание, во континентот и светот, а се доделува на луѓе кои го шират брендот на Јужна Африка и ја претставуваат земјата на меѓународни форуми и преку својата работа. Навистина бев почестена што ми беше доделена оваа награда од министерот за меѓународни односи и соработка, од име на претседателот на Јужна Африка и целиот дипломатски кор во мојата земја. Таквото признание за мојата работа и труд, пред сè, беше понизен момент, бидејќи, иако не работам за признанија, високото достигнување од ваков тип e навистина импресивно. Со таква награда, мојата работа и влијание се проширија кон важна група на луѓе, која ретко имате прилика да ја сретнете на исто место и време, што, пак, е неверојатно. Наградата ја добив кратко по смртта на татко ми и му ја посветив нему, бидејќи јас сум она што сум, поради скромниот дом во кој израснав, каде родителите ни дозволуваа да веруваме дека можеме да го смениме светот доколку работиме напорно, останеме искрени кон себеси и имаме почит кон сите луѓе, дури и тогаш кога имаме различни гледишта или појдовни точки на размислување. 

МАРИЛИ: Оваа година се најдовте на листата 100 највлијателни млади во Африка и меѓу првите 10 во категорија на социјални претприемачи и филантропија. Истовремено сте и дел од „100 млади Мандела на иднината“. И натаму сте активна и во Generation Earth, платформа за поддршка на животната средина во ОН, чијшто основач сте токму Вие. Како успевате да ги координирате сите овие бројни обврски, а истовремено да бидете и успешен претприемач и бизнисмен?

КОНСТАНТИНИДЕС: Да бидете дел од листата која го содржи името на глобалната икона, како нашиот Нелсон Мандела, не е само чест, туку и огромна одговорност.  Од многу рана возраст, ја научив уметноста на управување со времето, преземајќи само проекти и ангажмани за кои сум сигурна дека можам да ги подобрам, а притоа да учам, да бидам предизвикана да се развивам и да одговарам на поглемата визија и цел, што, за мене е златно правило. Во спротивно, можеме да се изгубиме правејќи работи што не носат никакво добро и не нè поврзуваат, па така, свесно се фокусирам да бидам дисциплинирана и да управувам 
со 24-те часа кои ни се дадени во еден ден.

 

МАРИЛИ: Ќе бидете дел од Македонија2025. На која тема ќе говорите на овој Самит? 

КОНСТАНТИНИДЕС: Навистина сум возбудена и воодушевена што ќе бидам дел од Добротворната гала-вечер на Македонија 2025. Со нетрпение очекувам да го споделам својот пат и уште поважно, да зборувам за научените лекции во градењето на просперитетна иднина на една нација, врз основа на активно и ангажирано граѓанско општество. 


МАРИЛИ: На колку бизнис форуми како што е Македонија2025 сте учествувале со цел да помогнете како меѓународен активист и бранител на човековите права и колку, според Вас, бизнис фелата е подготвена да даде свој придонес во справување со проблемите на најмаргинализираните групи во светот?
КОНСТАНТИНИДЕС:
Сум ја имала привилегијата да зборувам на многу национални форуми во Јужна Африка и на меѓународни платформи низ целиот свет, вклучувајќи го и свеченото отворање на Фондацијата „Обама“ во Чикаго минатата година. Овие платформи овозможуваат да се вмрежите со лидери и бизнисмени и едноставно да начнете некои идеи во мислите на луѓе кои имаат многу поинакво фокусирана агенда. Кога гледаме на економијата во глобални рамки, светот мина низ многу тешка економска фаза, а со тоа опадна и фокусот за посветување повеќе внимание на климатската криза со која се соочуваме и фактот дека корпоративните граѓани мораат да бидат поодржливи и свесни.Гледајќи го нивниот вредносен синџир, ние дури сѐ уште немаме дојдено до улогата на лидерите, бизнисите и нивните пошироки заедници за подигање на свеста околу проблемите со човековите права, но, преку можноста да зборуваме и да се вмрежиме, будиме нов интерес, поттикнуваме размислувања кои потоа можат да се преточат во работата на организациите и да бидеме сигурни дека тие ќе се посветат и повторно ќе го проценат своето влијание, како дел од одржлив бизнис модел.

 

Добротворната гала-вечер ќе се одржи на 8-ми ноември во хотелот „Александар палас“, а има за цел да одбележи 10 години од формирањето на организацијата Македонија2025. Настанот ќе ги слави филантропијата и волонтеризмот, потенцирајќи ги луѓето и компаниите кои возвратиле на Македонија и ја поддржиле организацијата во изминтатите години.

За Самитот Македонија2025, како и за Добротворната гала-вечер можете да се регистрирате овде: https://mk2025summit.com/buy-ticket/

Следете ја Кетрин Константинидес на Твитер и Инстаграм: @ChangeAgentSA

 

Содржината е прочитана 821 пати.