Бизнис вести

Доколку политичката криза прерасне во безбедносна, ќе биде погубно за текстилната индустрија

Текстилците апелираат до политичарите да не дозволат прелевање на кризата, која и онака влијае негативно на договорите потпишани со странските партнери и на инвестирањето на компаниите

понеделник, 15 октомври 2018

Да не се дозволи политичката криза да прерасне во безбедносна криза, бидејќи тоа ќе биде погубно за текстилната индустрија, особено за извозно ориентираните компании. Состојбата во оваа стопанска гранка е алармантна, а компаниите веќе подолг период работат под голем притисок од политичката криза во земјава.

Претседателот на Здружението на тексилната индустрија при Стопанската комора, Ангел Димитров денеска потенцираше дека кризата влијае на договорите потпишани со странските партнери и на инвестирањето на компаниите.

„Во нестабилна политичка состојба ниту еден бизнисмен не се одлучува да вложува, да ги шири капацитетите и не размислува за нови пазари. Но, пострашно е ако политичката криза прерасне во безбедносна, па тогаш ќе ја немаме и оваа работа и ќе имаме колапс на оваа индустрија“, предупреди Димитров.

Тој смета дека евентуални нови избори дополнително ќе ги оптоварат бизнисите.

„Компаниите до крајот на ноември треба да ги поднесат барањата за средствата што лани ги вложиле во инвестиции, но, ако има избори, целата енергија ќе се насочи кон тој процес, сите ќе се занимаваме со политика, а ќе страда бизнисот од кој очекуваме да се полнат фондовите и буџетот. А, ако бизнисот паѓа, ќе паѓа целата економија и целата држава“, рече Димитров.

Тој потенцираше дека текстилната индустрија очекува натамошен пад на бројот вработени, особено во кожарската индустрија, бидејќи, како што рече, интересот кај младите за запишување во стручните текстилни училишта е се помал, а нема интерес и за вработување во текстилните компании.

„Бројот на вработени се намалува секоја година, од 43.848 во 2007, сега се движи од 36.000 до 38.000 работници. Ако ги споредиме бројот на вработени во август 2018 година со просекот во 2017 година кај производството на облека бројот на вработени е намален за 4,9 отсто, а кај производство на кожа за 5,1 процент. Значи, во изминатите 10 години, за пет до шест отсто годишно се намали бројот на работници во кожарството и производството на облека. Речиси и да нема млади кои сакаат да ја учат оваа струка и да работат во секторот“, рече Димитров.

Сепак, македонските текстилни компании сѐ уште се атрактивни за странските пазари, пред сѐ, поради близината, малите серии, високиот квалитет на производите, додадената вредност во производството и солидните цени.

Од Здружението за текстил се задоволни од владините мерки за зголемување на платите на вработените во трудоинтензивните гранки, иако сметаат дека ефектите засега се мали. Текстилците ја поздравуваат последната мерка на Владата за замрзнување на придонесите. Димитров смета дека таа веројатно ќе биде најдобра од сите досегашни, бидејќи ќе овозможи повисоки плати за работниците без да се зголемуваат трошоците на работодавачите.

„Оваа мерка може да даде најдобри резултати, бидејќи парите кои се наменети за придонеси ќе бидат искористени за повисоки плати на вработените. Но, и оваа мерка има слабост, односно, работниците ќе имаат пониска пензиска основица. Лично сметам дека и тоа може да се реши со тоа што ќе им се даде на работниците да бираат дали сакаат повисока плата или повисока основица за пензиско осигурување“, рече Димитров.

Производство на текстил во првите осум месеци од годинава е зголемено за 11,2 отсто во споредба со истиот период лани, додека производството на облека бележи намалување од 6,7 отсто. Извозот е зголемен за 14,8 проценти и достигнал 386 милиони долари, што е 9,8 проценти од вкупниот извоз на Македонија. Увезена е тркстилна стока во вредност од 382,7 милиони долари.

 

Содржината е прочитана 77 пати.