Бизнис вести

Владата го стокми ребалансот на буџетот, но ќе биде усвоен само доколку нема предвремени избори

Министерот за финансии, Драган Тевдовски потенцираше дека што и да се случи, пензиите воопшто не се загрозени, туку дека во секоја варијанта ќе бидат целосно и навремено исплаќани

понеделник, 15 октомври 2018

Владата го усвои ребалансот на буџетот и го испрати во Собранието откако стана јасно дека капиталните инвестиции се далеку од предвидената реализација. Но, ребаланс ќе има само доколку нема предвремени избори.

Од ребалансот најголемо фајде ќе имаат општините кои ќе добијат 50 милиони евра за да можат да ги исплатат своите стари обврски. Сепак, ова ќе се оствари само доколку парламентарците го изгласаат ребалансот во Собрание, што значи да не се распишат вонредни избори, туку да се изгласаат уставните измени. Во спротивно, ребалансот не важи, а со тоа нема да има ни финансиска помош за општините.

„Со ребалансот на буџетот општините ќе добијат 50 милиони евра со цел да ги исплатат натрупаните стари обврски и да можат да почнат нормално да функционираат. Но, за овие средства да не завршат во бунар, многу брзо ќе се изготват законски механизми со кои општините ќе се спречат да трупаат нови долгови“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Тој притоа потенцираше дека што и да се случи, пензиите воопшто не се загрозени, туку дека во секоја варијанта ќе бидат целосно и навремено исплаќани. Пензиите, истакна Тевдовски, се приоритет и ќе бидат исплаќани навремено.

Со ребалансот, капиталните расходи, поради слаба реализација ќе се скратат за 92 милиони евра, пари што беа наменети за гасоводот, кој сега се работи со забавена динамиката, и за Клиничкиот центар во Скопје, чија изградба е откажана. Од овие пари, кои главно беа од кредити, покрај 50-те милиони евра за општините, 29 милиони евра ќе се пренаменат за Фондовите за пензиско и за здравствено осигурување, со цел непречено да функционираат и да ги исплатат заостанатите обврски.

Ребалансираниот буџет ќе тежи 3,42 милијарди евра. Расходите се намалени за 19,5 милиони, а приходите за 16 милиони евра, додека буџетскиот дефицит ќе биде незначително понизок и ќе изнесува 294 милиони евра.
Со ребалансот Владата го ревидира и растот на БДП и тоа од првично предвидените 3,2 на 2,8 проценти.

„Ревидирана е проекцијата за раст на БДП на 2,8 отсто. Тоа се прави, пред се, заради блокадите од опозицијата за интеграција во НАТО и ЕУ. Интеграцијата за земјава носи безбедност и сигурност, кои се најважни при носењето одлуки од страна на инвеститорите, а неизвесноста негативно може да влијае на економијата“, вели Тевдовски.

А, евентуални предвремени парламентарни избори го проблематизираат и носењето на Буџетот за 2019 година. Министерството за финансии веќе ги завршило состаноците со сите буџетски корисници за Буџетот за наредната година, кој, како што рече министерот, Владата ќе го достави до Собранието во законскиот рок. Сепак, во случај на избори, Министерството разгледува различни сценарија за дејствување, меѓу кои и одлука за привремено финансирање за идната година.

„Доколку има избори, подготвуваме различни сценарија, подготвени сме во секоја варијанта, дури и да влеземе во привремено финанирање во 2019, затоа што не е усвоен буџетот, државата ќе ги исплаќа своите обврски“, вели Тевдовски.

 

Содржината е прочитана 42 пати.