Култура

Во среда во Чифте амам се отвора изложба на слики и скулптури од југословенската збирка на Националната галерија на Македонија

На изложбата ќе бидат поставени околу 110 дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски и босанско-херцеговски автори

понеделник, 15 октомври 2018

Во среда во Чифте амам ќе биде отворена изложбата со наслов „Дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски и босанско - херцеговски автори“ од колекцијата на Националната галерија на Македонија која се реализира во рамките на одбележувањето на 70 годишниот јубилеј на Национална галерија на Македонија. Изложбата ќе биде поставена до 18 ноември оваа година.

Околу 110 ликовни дела меѓу кои ќе има скулптури и слики кои припаѓаат на таканаречената Југословенска збирка се дел од колекцијата на Националната галерија. Формирањето на збирката започнало во првите години од основањето на галеријата, а временскиот период на создавање на делата се движи од почетокот на 19.век до средината на 20.век.

„Изложбата на љубителите на уметноста им дава општ преглед на стилскиот и хронолошкиот развој на сликарството и вајарството создавано од словенечки, хрватски, српски, црногорски, босанско-херцеговски автори, обработени и претставени според нивните временски и стилски карактеристики во зависност од обемот и квалитетот на збирката што ја поседуваме. Ќе бидат претставени најзначајните имиња на сликари и вајари од бившите југословенски републики (Влахо Буковац, Мирослав Краљевиќ, Урош Предиќ, Целестин Медовиќ, Паја Јовановиќ, Петар Добровиќ, Петар Лубарда, Зора Петровиќ, Ѓорѓе Андреевиќ - Кун, Крсто Хегедушиќ, Омер Мухаџиќ, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ, Антун Августинчиќ и др.) чие творештво го прикажува развојниот пат од класицизмот кон создавање на современиот модерен ликовен израз“, се вели во соопштението на Националната галерија на Македонија.

На изложбата ќе биде презентиран и дел од оригиналната архивска документација поврзана со формирањето на оваа збирка во периодот од 1948 до 1956 година. Преку презентацијата на оваа документација ќе се потсети на огромниот напор вложен не само од тимот кој ја водел Уметничка галерија (Борко Лазески, Никола Мартиноски), туку и од државните институции кои несебично и со голема одговорност ја поддржале оваа акција и придонеле Национална галерија да ја поседува најбогатата збирка од овој тип во Македонија.

На отворањето на изложбата ќе се обратат директорката на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими, амбасадорот на Р. Словенија во Македонија, Н.Е. господинот Милан Јазбец и академик Газанфер Бајрам. Куратори на изложбата се Татјана Бундалевска и Славица Алексоска.
 

Содржината е прочитана 74 пати.