Инфо

Во понеделник стартува грејната сезона, БЕГ го вклучува парното во Скопје

Грејната сезона ќе трае до 15 април 2019 година, колку што е регулираниот период за редовна испорака по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури

петок, 12 октомври 2018

Од понеделник и официјално стартува новата грејна сезона во Скопје. Домаќинствата и фирмите кои се поврзани на централниот систем на топлинска енергија во понеделник ќе почнат да добиваат топлинска енергија.

Грејната сезона ќе трае до 15 април 2019, колку што е регулираниот период за редовна испорака по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури, а кои се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите одобрена од Регулаторната комисија за енергетика.

„Доколку надворешните температури се пониски, во текот на регулираниот период се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов. При одредени атмосферски услови на доволно топло време, кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува. При испораката на топлинска енергија се обезбдува оптимална потрошувачкa на топлинска енергија со минимални трошоци за греење на корисниците“, се веи во соопштението од БЕГ.

Детали за испораката на парното, потрошувачите може да најдат на веб-страницата на БЕГ, www.beg-snabduvanje.com.mk (Мрежни правила за дистрибуција на топлинска енергија Прилог 3), или да се обратат до
Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 30 76 200 и на 075 400-100, или преку е-пошта на: contact@beg-snabduvanje.com.mk .
 

Содржината е прочитана 55 пати.