Инфо

Младите инженери од Македонија примени во европското семејство

Членството во Европската федерација на млади инженери го официјализираше Советот на Федерацијата на конференција во Малта, каде ИМИ ја презентираше својата работа, како и целите и задачите што ги имаат младите инженери во оваа струкова институција

среда, 10 октомври 2018

Младите инженери од Асоцијацијата на здруженијата на инженери – Инженерска институција на Македонија станаа полноправна членка на Европската федерација на млади инженери. Членството го официјализираше Советот на Федерацијата на конференција во Малта, која се одржа од 4 до 7 октомври, каде ИМИ ја презентираше својата работа, како и целите и задачите што ги имаат младите инженери во оваа струкова институција.

Делегацијата во Малта ја предводеа претседателот на Инженерската институција на Македонија, професор д-р Христина Спасевска и претставник на младите инженери, магистер Александар Крлески.

„Ова е значаен настан за Инженерската институција на Македонија како единствена професионална асоцијација што обединува 20 здруженија од сите области на инженерството и ги потврдува нашите заложби континуирано да придонесуваме за подобрување на условите за работа и напредување на младите инженери во Македонија. Соочени со нивниот одлив од земјата, членство на нашата организација во Федерацијата ќе овозможи размена на искуства на европско ниво и нивно пренесување во државата, со цел да се направат ефикасни политики за нивно задржување во Македонија“, вели професор Спасевска.

За Крлески, ова е можност младите инженери од Македонија да комуницираат со повеќе од 250.000 инженери и студенти од Европа.

„Нашето членство во Европската Федерација ќе придонесе да работиме заеднички со уште 20 други организации од 17 земји, претставувајќи 250.000 млади инженери и студенти кои веќе се дел од Федерацијата. Наша цел е преку заедничко дејствување на граѓанско и политичко ниво да градиме една европска иднина, разменувајќи го нашето знаење, искуства и култура“, додава Крлески.

 

Содржината е прочитана 188 пати.