Бизнис вести

ММФ ја преполови стапката на раст на македонската економија на 1,6 отсто

Според ММФ, највисок раст на економијата на Балканот годинава ќе имаат Србија, Албанија и Косово со 4 проценти

среда, 10 октомври 2018

Меѓународниот монетарен фонд ја преполови стапката на раст на македонската економија. По првичните проекции за раст од 3,2 отсто, сега очекувањата се дека годинава ќе ја завршиме со само 1,6 проценти. Во меѓувреме, првите прогнози беа еднаш веќе намалени на 2,8 отсто.

Според ММФ, највисок раст на економијата на Балканот годинава ќе имаат Србија, Албанија и Косово со 4 проценти. И додека и во Грција економијата бележи раст поголем од очекувањата, во Македонија никако да тргне на подобро.
Деновиве и Светска банка направи надолна корекција на растот на македонската економија.

За експертите, ваквите прогнози на ММФ се очекувани, имајќи ја во предвид моменталната политичка ситуација во државата.

„Клучно е што во вакви ситуации се менуваат очекувањата на инвеститорите, економските субјекти – фактор кој е круцијален за дефинтивното профилирање на стапката на економски раст, бидејќи, ако нашите претпријатија и странските инвеститори очекуваат полоши времиња и политички тензии, тогаш едноставно, луѓето не инвестираат. Ако дојде до политички избори, целата енергија, труд и напор ќе се сврти кон изборите. За жал, кога има избори, луѓето малку размислуваат за бизнис, се воздржуваат и домашните и странските инвеститори. Ако дојде до избори и ако се комплицира ситуацијата, треба да бидеме задоволни со 1,6 проценти“, вели академик Таки Фити, претседател на МАНУ и ја предупредува Владата да внимава и на јавниот долг, бидејќи, според него, ниво од над 50 отсто од БДП е неодржливо за земјава.

Сепак, и покрај прогнозите на меѓународните финансиски институции, премиерот Зоран Заев е оптимист. Тој смета дека нема никакви практични причини да се откажеме од проекциите за раст од 3,2 отсто за годинава, бидејќи имаме раст во вториот квартал, се очекува и во третиот.

„Меѓународните институции, кога се јавуваат ретроградни процеси, како сега дали ќе се гласа или не, се песимистички ориентирани во своите коментари. Кога целото општество би било заеднички сплотено и дава оптимизам, тогаш и тие би давале оптимистички пораки. Така што, остануваме на проекциите од 3,2 проценти раст“, вели Заев.

За идната година ММФ за земјава прогнозира раст од 2,6 отсто, а до 2023 да достигне 3,4 проценти.
 

Содржината е прочитана 31 пати.