Култура

Фестивал „Со Марко на улица“ во Прилеп

Нов културен настан во Прилеп – од 11 до 13 октомври ќе се одржи фестивал за современите уметнички текови, модерните технологии и за реактуализација на лица и дела впишани во народното наследство

вторник, 09 октомври 2018

Од 11 до 13 октомври оваа година на летната сцена „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи фестивалот „Со Марко на улица“ во организација на Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп.

Во рамки на трите фестивалски денови ќе има дневни книготеки, односно, книжевен саем во соработка со издавачката куќа „Икона“ (ЦСЛУ балкон), како и дневни отворени студија за илустрирање на ѕидовите на прилепскиот Центар со Валентина Конеска Капсарова, Ферди Булут и Александар Џинго од ЦСЛУ балкон.

„Поврзувачките нишки на фестивалот ’Со Марко на улица’ се современите уметнички текови, модерните технологии и клучниот процес за нашата идејна замисла, односно, реактуализацијата на лицa и дела, за кои сметаме дека се впишани трајно во широко разбраното мултинационално културно, односно народно наследство, а потекнуваат, или се поврзани со градот Прилеп и регионот“, велат од ЦСЛУ Прилеп.

Реактуализацијата како процес обезбедува одржливост и континуитет на целокупното културно наследство, доколку се искористат соодветни медиуми и техники за негово модерно и интерактивно прикажување, односно платформа за негова субверзивна анализа и можност да се претстави повторно како актуелно, атрактивно и секако, разбирливо и достапно за новите генерации кои ќе имаат реална и опиплива можност од блиску да се запознаат со творештвото на една фасцинантна личност, запамтувајќи ја притоа како својот нов урбан херој.

„Првата тематска инспирација за новиот прилепски фестивал не е случајна, а причини за да се занимаваме со урбаната верзија на Марко има многу: самоук интелектуалец, љубител на модата и пишувањето, необразован, а активен корисник на сите балкански јазици, интердисциплинарна, мултукултурна и мултинационална собирачка дејност, поврзувачка улога во градењето на заеднички национален идентитет, преку бележењето на народното наследство на сите етнички групи, автор на една од најинспиративните приказни за деца (Силјан штркот), визуелен изглед кој идеално може да се впише во денешните естетско–популарни критериуми“, појаснува организаторот.

Проектен координатор на фестивалот е Звонко Димоски, чии се и идејните решенија, коорганизатор е Горан Ристески, а Јана Јанеска Ристески е програмски соработник.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и од Општина Прилеп.

 

Содржината е прочитана 94 пати.