Бизнис вести

Стопанска комора: „Учеството на извозот во БДП да се зголеми на 75 проценти“

Најголем капацитет за освојување нови пазари имаат компаниите од прехранбената, фармацевтската, хемиската, дрвната, металната и индустријата за мебел, како и текстилот

понеделник, 08 октомври 2018

Учеството на извозот во БДП треба да се зголеми од 50 на 75 проценти, заради што е неопходно да се подобри трговскиот сектор, сметаат во Стопанската комора на Македонија.

Како што бече речено денеска на прес конференција, најголем капацитет за освојување нови пазари имаат компаниите од прехранбената, фармацевтската, хемиската, дрвната, металната и индустријата за мебел, како и текстилот. На регионалните пазари извезуваат помалку од пет отсто од домашните микро, мали и средни претпријатија, а само три отсто на некој од пазарите во ЕУ.

„За да имаме извоз, најпрво треба да имаме производ што ќе биде соодветно дизајниран, конкурентен и квалитетен, согласно стандардите на земјата во која се извезува. Тука треба да поработиме малку повеќе. Светскиот пазар е преплавен од сите земји и производи, но успеваат само тие што се наметнуваат со квалитет и конкурентна цена“, рече претседателот на Клубот на извозници при СКМ, Глигор Цветанов на прес-конференција.

Според Татјана Штерјова, за успешен пласман надвор од државата е неопходно да се исполнат многу барања: за пакување, означување, стандардизација..

Ситуацијата е слична кај сите земји од Западен Балкан, со исклучок на оние кои се веќе членки на ЕУ. Интрарегионалната размена е 10 до 12 отсто, а учеството на извозот во БДП достигнува не повеќе од 37 проценти. Кај земјите од Вишеградската група, пак, овој процент е 80, додека кај членките на ЕУ од балканскиот регион над 50 отсто.

Од вкупниот број регистрирани правни лица во државава, само околу пет отсто или 3.500 компании се извозно ориентирани. Дури 81 отсто се микро и мали компании, 15,8 отсто се средни, а само 3,2 проценти се големи компании, но, сепак, тие креираат 80 отсто од вкупниот извоз на стоки во државата. Лани Македонија остварила извоз во вредност од над пет милијади евра, што е најголем пораст во изминатите 10 години.

Инаку, од денска на веб страница на Стопанската комора на Македонија е достапаен Каталогот на извозници со ажурирани податоци за компаниите - членки на Клубот на извозници. Каталогот е отворен за евентуални дополнувања со компании, производи и нови, потенцијални пазари.

 

Содржината е прочитана 39 пати.