Интервјуа

Менаџерот е осамен во одговорноста, но не е во работата

Интервју со Наташа Стојковска, директор на Секторот за набавка и логистика во „Витаминка“ – Прилеп во кое говори за тоа на што се должи големиот успех на компанијата која е една од најголемите извознички компании од Македонија, но и за силата што е потребна за да се гради кариера, а истовремено да се биде и столб на семејството

понеделник, 08 октомври 2018

МАРИЛИ: Веќе 60 години „Витаминка“е дел од секојдневието на многу генерации. Кажете ни колку е важна и каква е улогата на логистиката во создавањето на една ваква успешна приказна?
СТОЈКОВСКА:
„Витаминка“ е компанија во која квалитетот е пред сѐ и со него завршува сè. Сè е поврзано со квалитетот, од изборот и набавката на суровини, преку производството, па сѐ до пласирањето на врвен квалитетен производ. И во оваа линија на обврски и задолженија, по патот на производството на секој производ од „Витаминка“, секоја етапа и фаза е подеднакво важна затоа што сѐ, на свој начин, може да влијае врз тоа што ни е приоритетна цел и задача како најголема прехранбена индустрија и лидер на пазарот во земјата - доставување на најдобриот производ до потрошувачот. Тоа е главниот и носечкиот принцип на работа на „Витаминка“ уште од самото основање што продолжува и понатаму. Успехот на компанијата доаѓа од целосната корпоративна посветеност на работата и од поддржувањето на поставените цели. 
Секторот во кој се вклучени логистиката и набавката, исто така, е поврзан и со познавањето на локалниот, но и на регионалните пазари, доброто познавање на производните стандарди, како и препознавањето на квалитетот и негов соодветен избор.

МАРИЛИ: Денес „Витаминка“ е македонски бренд со неколку свои супербрендови, како што се „Цевитана“, мајонезот „Витанез“, чоколадните школки „Атлантис“. Сепак, се чини, најпознат е „Стоби флипс“, кој годинава прославува 40 години постоење на пазарот. Какво е значењето на овој супербренд за компанијата, на кои генерации првенствено им е наменет и какви планови имате за во иднина бидејќи гледаме дека се прават нови пакувања со различни големини и со нови вкусови?
СТОЈКОВСКА:
Силината на „Стоби флипс“ доаѓа од повеќе страни, односно се издвојува според високиот квалитет како производ и уникатниот вкус што е постојан и препознатлив. Врз основа на ова се воспоставени и изградени иницијалниот контакт и комуникацијата со потрошувачите. Токму во таа комуникација беше развиена емотивна врска меѓу брендот и потрошувачот што почна да се проширува генерациски.  Иако „Стоби флипс“ веќе е бренд за повеќе генерации, сепак, растењето на брендот подразбира и развој на други вкусови. А моќта да расте и да се развива е уште една карактеристика на силината на самиот бренд, односно тоа што го прави супербренд. Така „Стоби флипс“ стана препознатлив бренд што ги поврзува генерациите и кој е близок со сите и посакуван од сите. „Стоби флипс“ е исклучително присутен, така што може да раскажува сечија приказна и 40 години ја создава својата приказна како дел од секојдневието на потрошувачите. И не само тука, на нашиот локален пазар, туку и многу подалеку. И во тоа лежи неговата вредност и за „Витаминка“, со популарноста, препознатливоста и со брзото освојување на пазарите помогна општо во растот на компанијата.

МАРИЛИ: Освен на македонскиот пазар, на кои други пазари се пласираат производите на „Витаминка“?
СТОЈКОВСКА:
Во стратегијата на компанијата имаме воспоставено развојна динамика што излегува од рамките на локалните и на регионални пазари, а тоа не е нешто со што е почнато сега. Благодарејќи на оваа долгогодишна интензивна извозно ориентирана стратегија, денес производите на „Витаминка“ се пласираат на приближно 40 странски пазари и речиси на сите континенти. Со тоа сме една од најголемите извознички компании од Македонија. Во тој контекст и во таа насока „Витаминка“ и понатаму ќе спроведува и конкретни чекори за реализирање на својата деловна стратегија, а тоа ќе овозможи понатамошен долгорочен развој за што максимално ги користиме своите потенцијали за раст и за развој во локални рамки, но и надвор со ширењето на странските пазари. 

МАРИЛИ: Не така одамна „Витаминка“ презеде еден многу значаен чекор - го купи имотот на штипски „Брилијант“. Што треба да донесе оваа инвестиција?
СТОЈКОВСКА
: Оваа исклучително важна инвестиција е во насока на модернизацијата и автоматизацијата на техничко-технолошките процеси, комплементарноста и интегрирањето во производството, како и развој на нова група производи. Значи, долгорочно обезбедување суровинска база за производството на нашите производи, но ќе придонесе и за зацврстување на позицијата лидер во прехранбената индустрија во Македонија. Ова е конкретен чекор во насока на поголема и подобрена деловност на компанијата, максимално искористување на потенцијалите и поттикнување на растот. „Витаминка“ веќе го произведува маслото „Брилијант“ и со тоа направивме еден голем чекор напред, а ова значи влегување во нова фаза на нашето работење. Покрај обезбедувањето суровинска база за потребите на производството, новиот „Брилијант“ значи и продолжување со производството на висококвалитетен производ, единствен по составот, чистината и технолошкиот процес, кој им е достапен на граѓаните. Од секој аспект инвестицијата веќе ги дава првите резултати, а тоа е само почеток.

МАРИЛИ: Каква е визијата за иднината, на што поконкретно Ви се фокусирани плановите?
СТОЈКОВСКА:
Моите професионални планови секогаш се поврзани со „Витаминка“ затоа што оваа компанија за мене е многу повеќе од професионална работна обврска или менаџерска позиција. Оваа компанија е присутна во мојот живот откако знам за себе и тоа ја прави нераскинлив дел од моето секојдневие. Тоа ја прави и повредна за секој мој ангажман и вложување во нејзината иднина. Во својата стратегија „Витаминка“ има интегрирано механизам за континуиран развој. Стекнавме значајна позиција на пазарот и станавме лидер. Имено, сигурна сум дека ќе продолжи оваа растечка тенденција. На дневна основа поставуваме нови стандарди на пазарот и постојано ги надградуваме и ги поместуваме во позитивна насока, со цел до потрошувачите да доставиме колку што е можно поквалитетен производ. Моја основна и приоритетна задача сега е и понатаму ќе биде на секој можен начин, со своето знаење, искуство, експертиза, со својот тим да помогнам сето тоа да се реализира во најдобра можна форма и на највисоко ниво. 

МАРИЛИ: Се најдовте на листата на десет најуспешни жени менаџери за 2017 година. Што значи лично за Вас, но и професионален план ова признание што агенцијата „Марили“ го доделува веќе 22 години?
СТОЈКОВСКА:
Многу често личниот успех не го гледаме и не го цениме правилно. Низ нашите очи и нашата перцепција тој поминува низ призмата на секојдневните обврски и дневната рутина, дали на работа или во домот. На сопствениот успех гледаме дури откако некој ќе ни посочи на него. А најголемата вредност се добива токму преку наградите и признанијата. Кога некој друг ќе ви посочи дека сте постигнале нешто навистина вредно, дури тогаш станувате свесни за сопствените достигнувања. Признанието од „Марили“ е вредно и значајно од повеќе аспекти. Пред сè, затоа што станува збор за агенција што целосно ѝ е посветена на опсервацијата на економските состојби во државата, а тоа го прави признанието најверодостојно. Друга вредност е тоа што валоризацијата на успехот е постигната низ женски аспект, значи, се вреднува и достигнувањето на жената надвор од професионалните обврски, односно како таа се справува со предизвиците на секое поле, не само на професионалното. На крајот, лично и искрено, можам да кажам дека сум горда што сум издвоена како успешна жена и благодарна сум што ова признание ми укажа и ме потсети на сопствената вредност. 

МАРИЛИ: Дали се потребни многу откажувања за да се биде успешен менаџер, односно како успевате да балансирате меѓу професионалните и приватните обврски и колку е тешко во исто време да се гради кариера и да се биде столб на семејството?
СТОЈКОВСКА:
Искуството што го имам зад себе, растев во професионално ангажирано семејство, но и сопственото 17-годишно работно искуство ми покажуваат дека професионалниот ангажман не мора да значи жртва или откажување од што било. Една успешна и реализирана жена не мора да прави поделба на функциите што ги има во животот. Може подеднакво успешно да се биде и менаџер и мајка и жена. Менаџерската позиција сведочи за способностите подеднакво и кај мажите и кај жените. Менаџерските вештини се подеднакво корисни и потребни и во домот и во секојдневието. Со свесноста за сопствената вредност, улогата и тоа што се очекува од мене, приватните и професионалните обврски не ми претставуваат никаква тешкотија.

МАРИЛИ: Кое е мотото на Вашата успешна приказна?
СТОЈКОВСКА:
Одговорност, професионализам, отвореност и решителност да се направи чекор напред. Моќта да се предизвикаат позитивни промени, а несаканите да се свртат во позитивна насока. Храброста да се соочам со предизвиците, без разлика какви се. Но не сум сама во ниеден дел од градењето на мојава успешна приказна. Во работата се потпирам на тимот затоа што имам навистина вредни и способни соработници. Досегашното искуство ме научи дека менаџерот е осамен во одговорноста, но не е во работата, а тоа е позитивно. Во контекст на тоа е и моето работно мото - да се сослушаат сите страни, предлози, иницијативи и идеи, а потоа да се донесе одлука. А во домот се потпирам на семејните вредности, на она како сум воспитана и како сум ги воспитала сопствените деца, се потпирам на емотивноста и на мајчинските инстинкти. Оттаму ги црпам целата моја сила и енергија за соочување со сѐ што ми носат денот и иднината. Особено ми е драго што и моите деца чекорат по мојот пат и ја продолжуваат традицијата на „Витаминка“.

 


 

Содржината е прочитана 278 пати.