Бизнис вести

Арсовска на Самит на „Економист“: „Услов за инвестиции е владеење на правото“

Арсовска се обратила на панел на кој се дискутирало за тоа што следи за бизнисот и економијата во регионот

петок, 05 октомври 2018

„Воспоставување заеднички регионален пазар од над 20 милиони ќе го направи регионот поконкурентен, но и секоја од државите поединечно. Обединет пазар значи нови работни места, намалување на трошоците, побрз проток на стоки и луѓе и повеќе инвеститори во Западен Балкан“, изјави претседателката на Сојузот на стопански комори (ССК), Данела Арсовска на 7. Самит: „ЕУ и Југоисточна Европа – Одржлива обнова на Балканот“, што се одржува во Белград, во организација на лондонски „Економист“.

Арсовска, како што соопштија од ССК изјавила и дека земјите од Југоисточна Европа повеќе или помалку имаат слични предизвици, но оти најголемиот заеднички предизвик што ги обединува е одржливиот пат кон економски развој, а во таа насока добрососедските односи и политичка стабилност на регионот се дел од клучните услови.

„Сите се соочуваме со истите предизвици кои се и дел од барањата на Европската Унија кои мора да се регулираат, а тоа се проблемите со владеење на правото, корупцијата и нетранспарентна и брза промена на легислативата“, рекла Арсовска.

Арсовска се обратила на панел на кој се дискутирало за тоа што следи за бизнисот и економијата во регионот, важноста од економска стабилност, можностите на регионот настапувајќи како единствен пазар и приближување кон ЕУ, како и за зајакнување на довербата на инвеститорите.

На сесијата било констатирано дека сега е моментот засилено да се имплементираат структурните економски реформи за поттикнување на инвеститорите и враќање на нивниот интерес за регионот.

Минатата година Самитот на ЕУ и Југоисточна Европа се одржа во Подгорица, а претходно во Виена, Букурешт и во други европски центри.

 

Содржината е прочитана 22 пати.