Инфо

Бизнис заедницата ќе бара да се зголеми границата за пензионирање за една година

Новите проекции на ПИОМ покажуваат дека за три години бројот на корисници од 320.000 ќе се зголеми на околу 335.000, а трошокот за исплата на пензии од сегашните 880 милиони евра, во 2021 година ќе надмине милијарда евра

петок, 05 октомври 2018

Бизнис заедницата ќе преговара со синдикатите за минимално зголемување на старосната граница за пензионирање од една година, со цел, колку-толку да се покрие дупката во ПИОМ.

Годинава, за редовна исплата на пензиите ќе се потрошат скоро 880 милиони евра, но проекциите се дека оваа сума постојано ќе расте во наредните години и тоа поради зголемување на бројот на пензионери и поради зголемување на висината на пензиите. Новите проекции на ПИОМ покажуваат дека за три години бројот на корисници од досегашните 320.300 ќе се зголеми на околу 335.000, а трошокот за исплата на пензии во 2021 година ќе надмине милијарда евра.

Според претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков актуелната дефицитарна стратегија на Фондот на подолг рок значително ќе го исцеди буџетот.

„Минимално зголемување на старосната граница на пензионирање. За ова тотално сме сигурни дека синдикатите нема да се сложат и дека ќе бидеме не толку прифатливи за нив. Од друга страна, ние како работодавачи воопшто не размислуваме дека ќе биде позитивно и квалитетно да се зголеми процентот на социјалните придонеси“, изјави вчера Бошков.

Тој вели дека државата мора да размислува за нови концепти на прибирање на приходите во Фондот.

„Веќе едноставно е намалено нивото и одржливоста на Фондот, затоа и дотациите се зголемуваат. Доколку се зголеми бројот на пензионери до 2021 година на 335.000, тогаш бројката од 550 милиони што во моментов се трошат за помалиот број корисници ќе се зголеми“, рече Бошков.

Годинава над 40 проценти од сумата предвидена за редовна исплата на пензиите ќе биде покриена со пари од централниот Буџет.
Со последното усогласување на пензиите за 1,8 проценти, просечната пензија во септември изнесува 14.500 денари.
 

Содржината е прочитана 73 пати.