Инфо

ЕВН постави 40 станици за полнење електрични возила

Секој сопственик на електрично возило, за да може да ја користи мрежата на електрични полначи на ЕВН треба да се пријави во компанијата и да добие електронска катичка со која се активира полнењето. До крајот на годинава полнењето ќе биде бесплатно, а во текот на наредната година ќе се одреди цена треба да биде пониска од цената на бензинот

четврток, 04 октомври 2018

ЕВН Македонија во рамки на проектот „Електромобилност со ЕВН“ постави над 40 станици за полнење на електрични возила во 17 градови низ Македонија, од нив 21 во Скопје.

Секој сопственик на електрично возило за да може да ја користи мрежата на електрични полначи на ЕВН треба да се пријави во компанијата и да добие електронска катичка со која се активира полнењето. До крајот на годинава полнењето ќе биде бесплатно, а во текот на наредната година ќе се одреди цена што се очекува да биде пониска од цената на бензинот.

„ЕВН во рамки на проектот за електромобилност веќе една година работи на поставување полначи за електрични возила. Досега имаме поставено полначи во 17 градови во Македонија, најчесто на централните плоштади за да можат да се најдат лесно, а со тоа го решаваме проблемот на малата километража што некои електрични возила може да ја постигнат. Во Скопје веќе имаме инсталирано повеќе од 10 полначи, од кои еден во винаријата ’Камник’. Следен чекор ни е да навлеземе во комерцијална соработика со некои хотели и ресторани за и таму да поставиме полначи“, изјави Штефан Петер, претседател на УО на ЕВН Македонија.

Иако овие автомобили се поскапи, кај купувачите расте интересот за нив. Според податоците на Меѓународната агенција за енергетика, бројот на електрични превозни средства на светско ниво лани пораснал на рекордни 3,1 милион возила, а се предвидува до 2030 година во светот да има од 125 до 220 милиони електрични возила.

И во Македонија има интерес за електрични автомобили, иако продажбата оди бавно, со оглед на нивната цена. Според некои податоци, во првото полугодие од годинава од вкупно продадените 1.755 нови возила, само три се со електричен погон, а 27 се хибриди.

Инаку, МАНУ има изработено студија која предвидува до 2035 година да има промена на целиот возен парк во земјава, па дури 40 отсто од возилата да бидат електрични, а од нив 25 проценти чисто електрични, а 16 отсто плуг-ин електрични возила.
 

Содржината е прочитана 129 пати.