Култура

Октомври - месец на македонската култура во Стокхолм

„Месец на македонската култура во Стокхолм“, настан кој беше првпат инициран и организиран од Амбасадата на РМ во Кралството Шведска, на иницијатива на Н.Е. Александра Наќева-Ружин, амбасадор на РМакедонија во Шведска.

понеделник, 02 ноември 2015

На моето прво присуство и учество во манифестацијата „Месец на македонската култура во Стокхолм“, која првпат е иницирана и организирана од Амбасадата на РМ во Кралството Шведска, еве што ни кажа за тоа Н.Е. Александра Наќева-Ружин, македонскaта амбасадорка на Р. Македонија во оваа земја.

„Првпат годинава, на наша иницијатива, македонската Амбасада во Кралството Шведска го организира овој месец како ’Месец на македонската култура‘.

Почнавме на 9 октомври со промоција на македонската филмска индустрија, во контекст на проектот ’Поддршка и промоција на жената во филмот‘. Имавме чест, на наша покана, да присуствуваат и Лабина Митевска, актерка, продуцентка и поранешна директорка на македонскиот фестивал ’Браќа Манаки‘, и Марија Чичева, филмска режисерка од Република Македонија. На оваа промоција имаше голем број посетители-гости, тука се најдоа жените од Македонија, од Балканот, како и од Филмскиот и театарскиот институт од Стокхолм и од другата културна сфера од градов. Тоа беше и прекрасна можност да ја промовираме Р. Македонија пред многубројната публика.

На 14 октомври продолживме со активностите со професионалната манифестација ’Винска дегустација на македонските вина‘ на која се претставија седум винарски визби од Р. Македонија, со 49 вида вина. Имавме фантастичен број заинтересирани, а во подготовката на манифестацијата голем придонес имаше и Нордискиот институт за вина и неговите долгогодишни професионалци со кои имаме воспоставено и партнерски односи. Веруваме и се надеваме дека со овој настан ќе ги зголемиме заинтересираноста и побарувачката на нашите вина, чија испорака, за жал, моментно е многу мала (статистички 0,02% ).

Потоа на 16 октомври во рамките на промоцијата на ’Интернационалниот готвач на Шведска‘ имавме можност да учествуваме со свој штанд и со македонски специјалитети да ја презентираме македонската кујна. Привлековме огромен број публика. Тука имавме и презентација на македонскиот туризам. Секако, овде би сакала да му упатам и големата благодарност на издавачот на ’Интернационалниот готвач на Шведска‘.

На 22 октомври во македонската Амбасада гости беа жените од Интернационалниот клуб на жени во Стокхолм што има силно влијание врз општествените случувања во градот. Имав чест да го претставам својот перформанс ’Песна, стих, песна‘, при што ја презентирав македонската поезија и македонската народна традиционална песна. Потоа во убаво и пријатно расположение се одржа и промоција на културните богатства на Р. Македонија преку презентацијата на г. Тони Чаковски.

Од шведските институции добивме искрени комплименти дека македонската Амбасада ја направи ’КУЛТУРНАТА АТМОСФЕРА ВО ОВОЈ ОКТОМВРИ ВО СТОКХОЛМ‘.

Тоа нè обврзува и нè тера да одиме понатаму со нашите активности. Имено, во ноември, исто така, имаме многу значајни настани за кои ќе ве информираме во еден од наредните прилози на вашата веб-страница. Но веќе имаме планирани настани и за наредната година со поангажирана промоција на Р. Македонија.

Пишува Лилјана Стоилковска Андовска 

Содржината е прочитана 486 пати.