Бизнис вести

Прилепска пиварница го проширува дистрибутивниот центар во Идризово

За изградба на објектот Прилепска пиварница ќе вложи 3,5 милиони евра сопствени средства, а во него ќе се вработат 32 лица од различни профили и со различен степен на образование

среда, 03 октомври 2018

Прилепска пиварница денеска стартуваше со изградба на нов дистрибутивен центар во населбата Идризово во Скопје. Новиот објект ќе се простира на површина од 5.040 квадратни метри на парцела од 11.500 квадрати која се наоѓа веднаш до веќе постоечкиот објект на Прилепска пиварница.

За изградба на објектот Прилепска пиварница ќе вложи 3,5 милиони евра сопствени средства, а во него ќе се вработат 32 лица од различни профили и со различен степен на образование.

Според најавите од претседателот на УО на Прилепска пиварница, Кирил Самарџиоски, се очекува објектот да биде готов до крајот на годинава.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев порача дека секој ден кога нешто се гради за него е празник, бидејќи, како што рече, само така може да се развива економијата на државата.

„Прилепска пиварница за 10-ина години двојно го зголеми производството и практично направи добра показна вежба како се брендира производ и како се позиционира компанија. Нивната нова инвестиција е во функција на индустријата, а не на градежништвото, бидејќи објектот што се гради треба да овозможи поголем пласман на нивните производи“, рече Анѓушев и најави дека економскиот тим на Владата ќе го разгледа проблемот со акцизата на пивото и ќе се обиде да најде решение во интерес на сите.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски порача дека нивната визија е Општината да биде индустриски најразвена во земјава и додаде дека новиот објект на Прилепска пиварница е од исклучителна важност за локалната екномија, но и како порака за наредните вложувања.

„Како Општина и понатаму ќе бидеме верен партнер на сите идни домашни и странски инвеститори кои ќе сакаат својот бизнис да го пласираат и прошируваат на наше тло, а со тоа директно ќе влијаат на развивањето на општината и на намалувањето на невработеноста“, рече Георгиевски.
 

Содржината е прочитана 41 пати.