Инфо

Град Скопје субвенционира купување електрични тротинети

Висината на субвенцијата е одредена на 50 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход

среда, 03 октомври 2018

Град Скопје за првпат ќе го субвенционира купувањето електрични тротинети, со цел да ги стимулира граѓаните што помасовно да го користат ова алтернативно превозно средство. Од Град Скопје информираа дека за оваа намена ќе бидат издвоени еден милион денари.

Висината на субвенцијата е одредена на 50 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Еден електричен тротинет чини околу 500 евра. Батеријата се полни 5 часа, а со едно полнење може да се извозат и до 30 километри.

На јавниот повик може да се пријават жители на Град Скопје кои треба да достават барање за надомест, доказ за жителство во главниот град, копија на важечка лична карта на барателот, како и копија од трансакциска сметка на барателот. Исто така теба да се достави и доказ дека е извршено купување на нов електричен тротинет со копија од фискална сметка, или фактура и извод од деловна банка со датум од денот на објавување на повикот.

Средствата кои Градот ќе ги издвои за субвенционирање за купување електрични тротинети се средства кои беа неискористени од буџетот за субвенции за велосипеди за лица со посебни потреби.

„За субвенционирање велосипеди биле доставени 3.133 барања од кои биле усвоени 3.119 барања и се доделени субвенции, додека во делот за велосипеди за лица со посебни потреби заинтересираноста беше послаба, па дел од средствата за таа намена останаа неискористени“, велат од Град Скопје.
 

Содржината е прочитана 1905 пати.